Својата колешка од Република Косово, претседателката Вјоса Османи, претседателот Стево Пендаровски ја пречека со високи државни почести.

По средбата на делегациите, двајцата претседатели се обратија пред медиумите. Рекоа дека размениле мислења и информации за актуелни теми од билатералните односи, состојбата во двете држави, за актуелната и идна економска соработка, европската интеграција на двете држави и други регионални прашања.

Претседателот Пендаровски говореше и за либерализацијата на визите за Косово. Уште еднаш го поздрави договорот постигнат меѓу Косово и Србија.

Османи му се заблагодари на претседателот Пендаровски и институциите од Македонија за поддршката дадена на Косово и се надева дека вака ќе продолжи и понатаму.

„Тесната соработка со Македонија и нашиот заеднички ангажман кон евроатлантските институции е од суштествено значење за повеќе мир, стабилност, хармонија и просперитет за нашите граѓани како и за целиот регион“, порача Вјоса Османи.

Османи рече дека се чувствува почестена што е во посета на Македонија, и како што истакна нејзините сонародници ја нарекуваат нивна земја.

„Албанците биле и ќе бидат важна движечка сила кон позитивни промени и во постигнувањето на авроатлантските аспирации на РСМ. Важно е да продолжи поддршката и засилувањето на Албанците во Македонија на сите општествени полиња, како рамноправни граѓани кои имаат свој придонес во напредокот на РСМ“, додаде Османи.

На крајот го спомна и автопатот за кој што многу се зборуваше а се уште не е завршен, Скопје-Блаце.

„Се надевам што поскоро да ја видиме финализацијата на автопатот од 12 км кој ги поврзува Скопје со граничниот премин на Република Косово, овој пат кој ќе не зближи уште повеќе и ќе создаде поголеми можности за поголеми разнолики размени вклучително и во економијата“, вели Вјоса Османи.

Османи истакна дека Косово и Македонија уште од склучувањето на дипломатскиот договор потпишале и 40 билатерални договори, многу меѓуминистерски меморандуми а најави и многу други.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.