Европското досие на нашата држава и на регионот на Западен Балкан во светло на шведското претседателство со Советот на ЕУ беше во фокусот на денешната средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со министерката за европски прашања на Кралството Шведска, Џесика Росвал, која престојува во работна посета на Македонија.
Како што соопшти МНР, на средбата Османи ги поздрави напорите на актуелното Шведско претседателство со Советот на ЕУ во справувањето со чувствителни прашања во создадените комплексни геополитички околности, особено предизвикани со руската воена агресија против Украина. Во тој контекст, се додава, тој ја истакна воената, политичка и хуманитарна поддршка со која Македонија придонесува во меѓународните напори за справување со агресијата, вклучително сто-процентно придружување кон сите санкции на ЕУ против Русија во поглед на случувањата во Украина.
Османи, на средбата, се наведува, брифираше за нашиот пристапен процес, со акцент на одвивањето на скрининг процесот и подготвителните активности во државата во насока на исполнување на предвидените обврски пред одржувањето на втората Меѓувладина конференција со ЕУ и отворањето на преговарачките кластери. Исто така, ја реафирмира заложбата на земјава да продолжи со дијалогот со Бугарија врз основа на взаемно почитување и разбирање.
-Проширувањето на Унијата со земјите кои ги исполнуваат критериумите за членство е витално како за конкретните земји, така и за самата Унија. Потребни ни се јасни знаци дека проширувањето на европското семејство до 2030 година е возможна мисија, потенцира Османи.
Во конструктивен и пријателски разговор, министрите разменија мислења и за перспективата на политиката на ЕУ за проширувањето, со фокус на идеите за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, како кредибилен и вистински чекор во насока на подобрување на демократскиот развој, зголемување на економските можности за државите и граѓаните, како и помагање на процесот на помирување во нашиот регион.
На средбата, министерот Османи ја повтори безрезервната поддршка на Македонија за полноправно членство на Шведска во НАТО во најкус можен рок.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, Османи ја запозна Росвал со актуелностите во однос на претседавањето со ОБСЕ низ призмата на утврдените приоритети, во кои европската безбедност и во тој контекст, Украина останува наш главен приоритет и клучно безбедносно прашање во рамки на ОБСЕ 2023,, стои во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.