Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во својство на претседавач на групата медитерански партнери за соработка на ОБСЕ, денеска во Јордан, заедно со министерот за надворешни работи на Јордан, Ајман Сафади, ќе ја отворат овогодинешната Медитеранска конференција на ОБСЕ.

Овогодинешната конференција е во организација на Македонија и во ко-организација со земјата домаќин, Јордан. Како што соопштија од МНР, ова е прв пат, после седум години, одржувањето на медитеранската конференција да се врати кај партнерите од регионот, што се смета за голем чекор во зајакнувањето на врските меѓу организацијата и партнерите од Медитеранот.

Во Јордан пристигнати се преку 200 учесници, кои на дводневната конференција ќе дискутираат на неколку различни приоритетни теми поврзани со зајакнувањето на младите и жените, справувањето со ризиците од климатските промени и трговијата со луѓе, и сл.

Покрај домаќините, министрите Османи и Сафади, воведни обраќања се очекува да имаат и министерот за надворешни работи на Полска, Збигњев Рау, како актуелен претседавач со Организацијата и Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид.

По завршувањето на воведниот панел, министерот Османи, придружуван од останатите високи претставници – воведничари, најавија од МНР, ќе остварат средба со Кралот на Јордан, Абдула бин ел-Хусеин втори.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.