Иднината на државата не е одговорност само на Владата, туку на сите кои се согласуваат дека земјата треба да биде дел од Европската Унија. Земјата се наоѓа на критичната точка и секој кој сака да види напредок треба да преземе одговорност.

Ова го изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи при денешно гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21.

За таа цел, додаде Османи, потребно е формирање на европски фронт кој ќе ја преземе водечката улога на тој пат и ќе биде повеќе од водење дневна политика.

„Сега е време кога треба носиме одговорност за овој народ, одговорност за оваа држава, бидејќи на краjoт на денот политиката е пред сè услуга, е еден вид одговорност кон луѓето кои ви ја дале довербата. Сега е време на фронтот за Европа. Да се одржи овој курс, да се достигне оваа точка и штом ќе ја поминеме оваа точка која е неповторлива, потоа нека се организира политичката сцена како што сака, тоа е во моментов помалку важно“, рече Османи во интервјуто за ТВ 21.

Во таа насока, Османи вели дека многу поправедно би било опозицијата да ги изнесе јасно своите ставови дали е за или против ЕУ и која е друга алтернатива што ја нудат.

„Што е она што го нуди опозицијата? Дали е тоа Евроазиска асоцијација, на пример? Само така би биле фер кон гласачите. Но, доколку тврдите дека ја сакате европската иднина на државата, патот кон Европа е ова. Не е овој пат само за нас, вака било за секоја држава“, вели Османи



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.