На вчерашниот брифинг со новинарите на повтореното прашање за овие обврски од Протоколот потпишан на 17 јули меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија Бујар Османи и Теодора Генчовска, македонските членови на Комисијата одговорија дека тие за тоа воопшто не разговарале со своите бугарски колеги.
Во Протоколот, во делот „Темата за историјата“ пишува дека македонската влада „ќе подготви и достави прелиминарен урнек“ од лекција за 7. одделение на темата Самоилова држава.
Во истиот документ пишува дека двете држави, преку надлежните институции, треба да „подготват и претстават предлог-текстови за лекции врз основа на препораките на Комисијата“ за настаните и историските личности од „заедничката историја за кои Комисијата постигнала согласност“, и да ги земат предвид „содржините на натписи на табли, историски споменици, споменици и информациски материјали во музеи и други објекти од образовно и културно значење, како и во информативни медиуми во јавна сопственост… Владите на двете земји на заедничка церемонија ќе откријат обновени табли на тврдината на Цар Самуил во Охрид, кои ќе ги одразуваат препораките на Комисијата“.
Во делот од Протоколот насловен „Мерки што треба да бидат преземени по одржувањето на Меѓувладината конференција за комплетирање на фазата на отворање на пристапните преговори“, македонската влада презела обврска до почетокот на учебната година 2023/24 да ја промени содржината на учебникот по географија за 7. одделение, поради „неосновани етнички/територијални претензии“.
„Двете држави се согласија, при утврдување на други случаи на неосновани етнички/територијални претензии во учебници и учебни помагала, тие да бидат извадени од образовните програми и нивната содржина да биде променета“, пишува во Протоколот.
\
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.