Mинистерот за надворешни работи, Бујар Османи, на социјалните мрежи информира дека делегациите на Македонија и Бугарија на маргините на Минхенската безбедносна конференција, оствариле средба на која е изразено задоволство од процесот на динамизирање на билатералната соработка преку реализацијата на концептот на работни групи и конкретните активности и предлози кои до сега произлегоа од нивната работа.
Османи посочува дека на средбата биле дискутирани и разменетите предлози за унапредување на соработката во повеќе области.
Во однос на пакетот политички прашања беше поздравена работата на експертските групи составени од претставници на министерствата за надворешни работи. Непосредната комуникација и секторската соработка е ефективен метод и како таков ќе продолжи да се користи во контекстот на продлабочување на односите и подигање на нивото на политички дијалог – пишува Османи.
Во однос на претстојната средба на Заедничката меѓудисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која ќе се одржи на 24 и 25 февруари во Софија, Османи, наведува дека е изразена надеж дека Комисијата ќе продолжи да работи во конструктивен амбиент и ќе покаже отвореност и добра волја за напредок и отворање на перспективи.
Беше потенцирано дека трговската размена меѓу двете земји во текот на 2021 година достигна речиси 900 милиони долари и оствари раст од 32 отсто, со што се искачи на ниво повисоко од нивоата на трговска размена од пред појавата на пандемијата. Неизбежен дел од разговорите беше и безбедносната состојба во регионот на Западниот Балкан и Европа, при што се согласивме дека евроатлантската определба е извор и гарант на општата безбедност и сигурност – напиша Османи на Фејсбук.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.