Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рами на дводневната посета на Софија, учествуваше на тркалезна маса на тема „Промоција на конструктивниот капитал во Бугарија и Македонија”, организирана од Центарот за проучување на демократијата, соопшти МНР.

Османи во обраќањето нагласи дека новиот геополитички контекст, предизвикан од руската инвазија на Украина и членството во НАТО, ја наметна меѓу другото и неопходноста на подигнување на свеста за изворот на директните странски инвестиции, гледано преку призма на стратешките интереси и националната безбедност. Во таа насока, корозивниот капитал не е веќе ексклузивно прашање кое ги засега само економските ресори.

Според Османи, институционализирањето на инструментите за оценување на директните странски инвестиции кои треба да ја заштитат нашата економија и држава, се вклопува со реформската агенда, како особено важен сегмент на членството во ЕУ, но и како дел од Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД. Моделот кој ќе се избере, треба да овозможи тесна соработка со ЕУ, како и нашите соседи, како Бугарија, со која споделуваме заеднички интереси и предизвици, истакна Османи.

 На тркалезната маса учествуваа и министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, како и високи претставници на бугарски владини институции на фелата како и невладин сектор од Скопје и Софија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.