На маргините на 78-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации, министерот за надворешни работи Бујар Османи, оствари средба со својот португалски колега, Жоао Гомеш Кравињо.

Како што соопшти МНР, Османи се заблагодарил за континуираната поддршка од Португалија на нашиот европски пат, потврдена и за време на португалското претседателство со ЕУ во првата половина на 2021 година.

-Република Македонија особено го вреднува проактивниот ангажман на официјален Лисабон преку тогашниот таканаречен “португалски“ предлог, чии основни принципи и рамки се вградени во сегашниот европски пакет за нашите европски интеграции, порача Османи.

Нагласувајќи ја потребата од задржување на европскиот моментум во интегративниот процес на земјава, министерот Кравињо истакна дека Португалија ќе ги продолжи заложбите за напредок во процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан и ги охрабри сите политички чинители во Македонија да ја трасираат европската иднина на граѓаните со донесување на неопходните уставни измени.

Министрите разговараа и за можностите од продлабочување на економските односи, меѓусебната поддршка во мултилатералните организации, со посебен фокус на нашето претседавање со ОБСЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.