Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи ќе ја отвори Kонференцијата за млади на тема „Младински иновации и претприемништво: создавање одржлива иднина во регионот на ОБСЕ“, која се одржува утре во Скопје.

Овој младински форум е во рамки на Претседавањето на Македонија со ОБСЕ, а на него младински претставници од земјите-учеснички во ОБСЕ низ интерактивни сесии ќе имаат прилика да дебатираат и изнаоѓаат иновативни решенија за решавање на социјалните и еколошките проблеми во нивните заедници.

Оваа конференција доаѓа како резултат на централните приоритети на Претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, каде интеграцијата на младинските перспективи во сите три димензии на Организацијата претставува многу важен дел, а пак резултатите и препораките кои ќе произлезат од форумот ќе бидат презентирани и на Министерскиот совет на ОБСЕ кој ќе се одржи на крајот на овој месец во Скопје.

Воведната сесија ќе биде модерирана од специјалниот претставник за млади, Мемет Жаку, а покрај Османи, воведни обраќања ќе имаат и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, американскиот амбасадор во ОБСЕ, Мајкл Карпентер и шпанскиот амбасадор во Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.