Директно од прославата на НАТО во Брисел пред Претседателската вила на Водно со брендиран син автобус допатува претседателскиот кандидат на Европскиот фронт Бујар Османи кој пред присутните граѓани и симпатизери ја претстави својата програма за претседателските избори.
Денеска започнувам една многу важна мисија не само за мене туку и за сите граѓани коишто оваа земја ја чувствуваат како свој дом. Доаѓам директно од Брисел, од седиштето на НАТО и тоа на еден посебен ден. Денеска е 4-ти ден од четвртиот месец од 2024 година, денот на основањето на НАТО и 4-годишнината од членството на нашата земја во најмоќната политичко-воена организација во светот. И јас го започнувам овој победнички караван под бројот 4 како симболика, дека сме на вистинскиот пат, рече Османи и додаде дека оваа мисија ја започнал од седиштето на НАТО, но се надева дека ќе ја заврши како претседател во седиштето на Европската унија, седнат на масата на Европскиот совет како полноправна членка.
Тој се пофали дека како министер за надворешни работи има искуство, контакти и кредибилитет со кои може како претседател на државата да обезбеди светла, безбедна и европска иднина.
Нашата држава се наоѓа на крстопат. Еден пат води кон светла европска иднина, другиот пат води кон изолација, бесперспективност и нејасност. Овие избори не се обични избори туку се народен референдум кој ќе ја определи иднината на оваа држава, нагласи Османи.
Тој во обраќањето пред граѓаните нагласи дека зад него стои коалиција од 9 партии од Европскиот фронт кои го задржат евратлантскиот курс, меѓуетничкиот курс и ќе ги зачуваат добрососедските односи. Крајната цел, рече Османи е полноправно членство во ЕУ до 2030 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.