Европската интеграција на земјите од Западен Балкан, со посебен акцент на статусот на евроинтегративниото досие на Македонија, биле тема на разговор на денешната средба помеѓу шефот на дипломатијата, Бујар Османи и генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу.
Како што соопшти МНР, на средбата било изразено очекувањето за што поскоро усвојување на преговарачката рамка за Македонија и одржување на првата Меѓувладината конференција со која ќе се означи и почетокот на процесот на преговарање за членство во Европската Унија.
Во фокус на разговорите, додаваат од МНР, била и регионалната соработка и активностите во рамките на Советот за регионална соработка – Економскиот инвестициски план за Западен Балкан, социо – економската трансформација на регионот на Југоисточна Европа, Зелената агенда за Западен Балкан, и други теми кои придонесуваат за плодна и богата регионална соработка.
Соговорниците размениле мислења и за влијанието на руската инвазија на Украина врз процесот на заокружување на европската иднина на земјите од Западен Балкан и ефектите на војната врз регионалната соработка во нашиот регион и пошироко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.