Темата на Состанокот ЕУ – Западен Балкан што се одржува во Брисел, со кој претседава високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел, а на кој се поканети министрите за надворешни работи од регионот е поврзана со случувањата на Блискиот Исток и во Украина. Во тој дел МНР има јасен став. Мислам дека во Извештајот на ЕК најдобро рангирана беше надворешната политика, бидејќи имаме целосна стопроцентна усогласеност и беше квалификувано со највисока оценка – добар прогрес, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во однос на очекувањата од состанокот, Османи посочи дека станува збор за редовен состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ, на кој, овој пат се поканети и министрите за надворешни работи, каде што очекува да се отвараат повеќе прашања вклучувајќи го и проширувањето и Планот за раст за Западен Балкан.

Прашањето на планот за раст, кој што го обајви ЕК јасно дефинира – од сега па натаму е овозможено пристап во Унијата и пред членството. Тоа е нешто што ние сами го баравме и го промовиравме како повеќе интеграција пред членство во седум области од заедничкиот пазар и средства за помагање на реформите ќе може да се обезбедат пред самото членство. Така што мислам дека ова е добар пристап на ЕК кој што ние го промовиравме и го поддржуваме. Се разбира дека декември ќе биде историски за ЕУ, поради одлуките што треба да се донесат за Украина, за Молдавија, се разбира и за Западен Балкан. Дали ние ќе бидеме спремни за таква историска одлука, сега е во рацете, за жал, на пратениците, рече Османи.

Шефовите на дипломатиите на државите од Западниот Балкан и на земјите членки на ЕУ одржуваат министерски состанок под претседателство на високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност Борел. Целта на Министерски состанок ЕУ-Западен Балкан е дополнително да се интензивира ангажманот на Унијата со земјите од регионот, со акцент на заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот во контекст на геополитичките предизвици во европското соседство.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Борел, изјави дека на проширен состанок со министрите на земјите од Западен Балкан ќе разговара за неодамна усвоениот извештај на Европската комисија за проширувањето. Во изјава за новинарите пред министерскиот состанок тој изјави дека ЕУ покажала колку тој регион и е важен.

Ќе разговараме за неодамнешниот извештај на Комисијата за проширување, ќе инсистираме на потребата од усогласување на политиките бидејќи некои земји не го сторија тоа, а денес ќе има целосна програма, рече Борел.

Министерски состанок ЕУ-Западен Балкан се одржува по завршувањето на првиот ден од заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата, на чија агенда се расправа за ситуацијата во Израел, Појасот Газа и регионот на Блискиот Исток, руската агресија врз Украина, случувањата во односите на Ерменија и Азербејџан, како и за надворешно политичка димензија на економската безбедност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.