Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, за време на неговата посета на Скопје.

Османи се заблагодари за оваа навремена посета, како конкретен знак на нашето силно партнерство, но и координација во справувањето со последиците од руската агресија врз Украина и манифестација на силната поддршка за процесот на пристапување на Македонија во ЕУ и на целиот регион.

Соговорниците се согласија дека воениот конфликт во Украина претставува силна повреда на основните принципи на меѓународното право, сериозен удар врз демократскиот поредок, како и сериозен удар врз безбедносната архитектура на Европа и со тоа реална закана за светскиот мир, безбедност и стабилност како и импликациите што може да ги има врз земјите од Западен Балкан.

Верувам дека ова се историски времиња кои бараат цврсти и навремени одлуки, но и единство во дејствувањето на целата ЕУ и нејзините земји-членки. Нашиот закочен процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, која надворешните актери лесно и вешто го користат во нивните активности. Затоа, нема простор за двоумење кон оние земји кои спремно се придржуваат до заедничките европски вредности, принципи и стандарди. Ваквата состојба е императив земјите-членки на ЕУ да направат заеднички напори, да изградат консензус и да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија. Членството на регионот во ЕУ е суштинска безбедносна, политичка и економска додадена вредност за Унијата“, истакна Османи.

Османи и Борел заклучија дека само на овој начин Европската Унија ќе ја зајакне својата стратешка улога во надворешната и безбедносната политика, и ќе го преземе своето стратешко водство, а продолжувањето на политиката на проширување е важно за безбедноста и единството на целиот континент и силата на евроатлантскиот сојуз.

Од страна на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел беше поздравена целосната усогласеност на Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и потврда за нашата неприкосновена евроатлантска определба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.