Претседателот и врховен командант на вооружените сили на Армијата Стево Пендаровски денеска по повод 30-годишнината на Армијата ги одликуваше со Орден за воени заслуги првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски, Логистичката база при Армијата и Организацијата на резервни офицери.
Гоцевски е одликуван со Орден за воени заслуги за неговиот придонес во формирањето на Армијата како легитимна и регуларна вооружена сила на Република Македонија.
Логистичката база при Армијата е одликувана за нејзиниот особен, стратешки и долготраен придонес во планирањето, координирањето, организирањето и извршувањето на логистичката поддршка на командите и единиците на Армијата со што овозможува успешно извршување на сите задачи во мир, војна и кризна состојба. Логистичката база, како што беше посочено на централната свеченост, својата подготвеност ја покажа и со низата активности во текот на справувањето со мигрантската криза и пандемијата на КОВИД-19.
Со Орден за воени заслуги е одликувана и Организацијата на резервни офицери за нејзиниот особен придонес во изградбата и јакнењето на одбранбената способност на државата и афирмирањето на воената професија.
Исто така, претседателот Пендаровски со указ го унапреди полковник Сашко Лафчиски во чин бригаден генерал и го постави полковник Васко Коколански за командант на Командата за обука и доктрини во Генералштабот на Армијата на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.