На новиот премиер Димитар Ковачевски и на министрите им посакувам успех во работата и исполнување на програмата и приоритетите на новата Влада за наредниот период, работејќи исклучиво за интересите на граѓаните и на државата, напиша денеска поранешниот премиер Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Тој денеска ги предаде функцијата и кабинетот на новиот претседател на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски. Примопредавањето на премиерската функција се одржа во Владата.

По напуштањето на функцијата, Заев го промени и описот на профилот, па така наместо како досега „премиер на Cеверна Република Македонија“, тој отсега ќе се претставува како „општественик, економист, социјалдемократ, поранешен премиер на Cеверна Македонија“.

Во експозето пред пратениците Ковачевски рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој посочи дека не се потребни нови избори, најавувајќи зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата, како и реформи во образованието. Говорејќи за спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот.

Расправата за избор на новата влада во Парламентот траеше два дена.

Владата на Ковачевски брои 21 член – од СДСМ 11, ДУИ шест, Алтернатива тројца и еден министер од ЛДП.

Новиот владин кабинет има еден член повеќе од досегашниот и тоа министер без ресор, место што по формирањето на новото парламентрано мнозинство и припадна на Алтернатива.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.