Надлежните предупредуваат дека пред нас е најтешката криза по Втората светска војна. Во насока да се ублажат последиците од енергетската криза Владата донесе препораки во кои напомена дека јавните институции ќе мора да ги почитуваат мерките во спротивно би биле казнети.
На оваа листа се најдоа и општините како и Градот Скопје. Дел од општините во разговор за „Локално“, посочуваат дека ќе ги спроведат мерките, додавајќи дека најголеми потрошувачи на електрична енергија се училиштата и градинките.
На прашањето дали поради енергетската криза може да се прифати предлогот – зимскиот распуст да биде во период декември-јануари, односно два месеци, а летниот распуст да трае околу месец и половина, од министерството за образование посочуваат дека ја следи состојбата појаснувајќи дека „во меѓувреме ќе се разгледуваат сите пристигнати иницијативи“.
-Ставот на Министерството за образование и наука е дека училиштата треба да бидат постојано отворени за време на учебната година и наставата да се организира со физичко присуство, бидејќи тоа е од најдобар интерес на учениците, а воедно и предвидено во календарите за организирање на работата на основните и средните училишта во учебната 2022-2023 година. Сепак, МОН ќе ја следи состојбата и во меѓувреме ќе се разгледуваат сите пристигнати иницијативи и за било какви нови одлуки, јавноста навремено ќе биде известена. Во овој момент и за општините и за училиштата под нивна надлежност, важат препораките и мерките за штедење на електрична енергија кои неодамна ги објави Владата на Република Македонија, велат од МОН за „Локално“.
Од „ЗЕЛС“ велат дека конкретно за времетраењето на зимскиот распуст досега со општините не се дискутирало .
-Знаеме и други општини кои размислуваат за примена на ваквата можност, особено доколку цената на електричната струја расте во континуитет. Но сепак тоа треба да се направи во разговор и договор со МОН и можно е да биде и една од опциите за ,заштеда на електрична енергија, каде би се намалила, или избегнала повторна онлајн наставата, ( карактеристична за време со пандемијата со ковид-19), посочуваат од ЗЕЛС за „Локално“.
Оттаму велат дека интензивно веќе од минатата година ,од месец декември, дискутира за високите сметки што општините ги плаќаат за електрична енергија: за уличното осветлување, за општинските згради, за јавните претпријатија и се разбира за училиштата.
-При тоа ЗЕЛС писмено се обрати неколку пати до Владата, достави и конкретни предлог мерки за намалување на негативните финансиски последици по општините што оваа енергетска криза веќе ги направи врз локалната власт , но конкретни и опипливи предлози досега не се изнесени од таа страна, освен дека општините треба да направат ребаланси на буџетите. Како и да е, Управниот одбор на ЗЕЛС веќе покрена низа постапки за да се овозможи ублажување на ефектите од енергетската криза за општините, појаснуваат од институцијата.
Тие велат дека од особено значење се разговорите кои биле водени со адекватните институции за да се овозможи усогласување на законските прописи за да можат општините да произведуваат електрична енергија преку обновливи извори на енергија .
-Голем број на општини и во минатото ,а сега уште поинтензивно инсталираат фотоволтаични панели, a некои користат термалните води (онаму каде тоа е возможно). Сето во насока да се обезбеди електрична енергија да се задоволат потребите на училиштата, јавните претпријатија, уличното …. за да непречено граѓаните ги добиваат потребните услуги.Управниот одбор на ЗЕЛС и на последната седница што се одржа на 24 август, 2022 година, ја посочи неизвесната состојба со електричната енергија за спроведување на наставниот процес. Беше посочено дека дел од општините веќе прават реорганизација во сменската настава, вршат набавка на потребни енергенси за загревање, ги довршуваат започнатите зафати во делот на енергетска ефикасност на објектите…. се со цел да се обезбеди што е можно повеќе намалување на потрошувачката на електрична енергија, за да децата следат и одат на настава во училиштата, посочуваат од ЗЕЛС.
Министерот Крешник Бектеши вели се размислува и за ограничување на температурата на која ќе се загреваат училниците.
-Доколку добијат директно барање и од единиците на локалната самоуправа можат да го разгледаат барањето и да донесат таква мерка. Но, најпрвин е потребна иницијатива од општините или од Министерството за образование, со единствена цел да се заштеди електрична енергија и да не претставува дополнителен товар за буџетот на институциите што ги спомнав, посочи Бектеши.
Градоначаланикот на Гостивар Арбен Таравари пред извесно време препорача продолжена пауза за оваа учебна година која би траела во декември и јануари. Идејата е да се заштеди на трошоци и да се надмине кризата.
-Токму во овој период е најстудено, а се отвора можност да заштедиме енергија за затоплување. во контакт со повеќе колеги градоначалници, добив нивна поддршка и тие сметаат дека трошоците за струја ќе влијаат сериозно врз работењето на општините. Ништо не ќе може да се сработи, бидејќи треба да ги покриваме трошоците кои се енормно и неколкукратно повисоки. Централната власт мора да го земе овој предлог предвид, со оглед дека во зимскиот период овие трошоци ќе пораснат и ќе бидат сериозен удар врз државната буџетска каса, која е празна, рече Таравари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.