Група онколошки пациенти вечерва побараа правда и искажаа револт за случувањата на Клиниката за онкологија на собир одржан пред Јавното обвинителство.
Она што ние, како онколошки пациенти, го бараме, е да се знае вистината. Кои луѓе и кои лекарства биле инволвирани, и за тоа, ако треба да се оди и 20 години наназад. Сите министри за здравство и поранешни директори на Онкологија да бидат викнати на испитување. Да се осигуриме дека никогаш повеќе нема да се случи ваков скандал – кажа една од учесничките на собирот.
Дел од присутните ги раскажаа своите потресни искуства и побараа одговорност. Една од учесничките кажа дека денес е 10-годишнина од смртта на нејзиниот татко кој бил онколошки случај.
Сите имаме изгубено некој. Нема фамилија ми се чини која немала онколошки пациент. Цел ден се прашувам дали направивме се што требаше да направиме за да го спасиме, после сите овие информации – рече таа.
Беше истакнато и дека се бараат одговори за да нема сомнеж во чесните доктори.
Сакаме имиња и презимиња за ние пациентите да не се сомневаме во чесните доктори – беше порачано на собирот.
Граѓаните и вчера излегоа на протест пред Владата и пред Јавното обвинителство, барајќи одговорност од последните тројца министери за здравство. Најавен е протест пред Владата и за следниот понеделник.
Во петокот, врз основа на судска наредба, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, припадници на МВР извршија претреси на Клиниката за онкологија, како и на уште две локации во приватни станови во Скопје. Како што информираат од Јавното обвинителство, акцијата е спроведена врз основа на наводи во новинарски текстови поврзани со работата на Клиниката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.