„Република“ и  „Пресинг ТВ“ од свои извори неофицијално дознаваат дека сомнежот, што произлезе од Државната комисија за спречување на корупцијата, се однесува на околу 9 милиони лични податоци за родени, венчани и починати лица, граѓани на Република Македонија. Вака високиот број се должи на фактот дека Управата за матични книги располагала со податоци, кои датираат од 1900-тата година, од кога почнала да се води евиденција за просторот на денешната држава, пишува новинарот Предраг Димитровски.

Сликата се комплетира со фактот произлезен од извештајот на Државниот завод за ревизија, според кој, во Управата недостасувале малку над 90.000 изводи од матичните книги на родените.

Следејќи го периодот на опфатеност од 1900-тата, па до денес, значи дека станува збор за најмалку шест до седум генерации македонски граѓани.

Антикорупционерите во предметот укажаа на две слабости. Првата, на пропусти во тендерската постапка при избор на фирма, која ќе ја спроведе дигитализацијата на изводите од матичните книги на родени, венчани и починати лица, граѓани на Република Македонија, и втората на сомнежот и реалната можност за тргување со податоците и тие да завршиле во една соседна земја, поради непочитување на стандардните безбедносни мерки и процедури.

Еден ден по избивањето на скандалот, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пред новинарите тврдеше дека нема масовна злоупотреба на личните податоци.

– И досега сме постапувале по предмети кои значат злоупотреба на лични податоци и не може да стане збор за масовна злоупотреба на податоци. Бројот на случаи за кои постапуваме не е број кој може да не алармира. Сите институции кои постапуваат по личните податоци имаат свои правила и процедури. Најголемата злоупотреба е преку порталите и социјалните мрежи и мора да се работи на тоа, изјави тој при посетата на СВР Битола.

Спасовски практично призна дека постои злоупотреба на лични податоци, но оти таа, според него, не е загрижувачка.

Но, за жал, со релативизирање на целиот случај, тој не спомена ниту збор за можноста и опасноста лични податоци на македонски граѓани да завршиле во една соседна земја. А, со тоа, пак, ја остави отворена можноста на било кој македонски граѓанин да му се повтори „случајот Ел Масри“-пишува Димитровски.

Ел Масри беше германски државјанин, кој по добиени информации од наш стратешки партнер, во првата половина на првата декада од новиот милениум беше затворен од страна на македонските власти и незаконски, по грешка, неколку денови беше држен во затвор. За тоа македонската држава му плати и обесштетување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.