Откако претходно беше објавено дека пукачот кај Скендербек бил револтиран зошто претходната вечер демонстранти му го искршиле хотелот и автомобилите на гостите, Обвинителството денеска излезе со нова верзија – забележал дека граѓани фрлаат камења, за затоа пукал.
Основното јавно обвинителство Скопје објави дека постапувајќи по поднесена кривична пријава, повеле постапка против 40-годишен скопјанец за кого постои основано сомневање дека сторил кривично дело – Предизвикување општа опасност по член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-Осомничениот, на 6 јули, на платото пред плоштадот „Скендер Бег“, со општо опасно средство – пиштол марка Волтер модел Р 99 со калибар 9х19 мм, кој го поседувал со дозвола, предизвикал значителна опасност за животот или телото на луѓето. За време на движењето на група граѓани кои учествувале на јавен собир, тој забележал како дел од граѓаните фрлаат камења, по што се упатил кон нив и во два наврати испукал по два куршума во воздух – стои во соопштението на ОЈО.
Тие информираат и за две лица против кои е поведенав постапка за кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Првиот од нив, на возраст од 18 години, е осомничен дека на 5 јули, за време на протестите пред објектот на Собранието, учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што подготвил „молотов коктел“ во стаклено шише кое го наполнил со бензин, му ставил парче ткаенина и го запалил. Шишето го дал на друг учесник во толпата, кој го фрлил кон поставениот кордон од полициските службеници за обезбедување на јавниот ред и мир пред зградата на Собранието.
Скопјанец нa возраст од 22 години, пак, за време на протестите пред Собранието на 6 јули, исто така учествувал во толпа која сторила кривично дело – насилство, така што од својот ранец извадил камења и запалки, со кои во неколку наврати фрлал кон зградата на Собранието и кон кордонот од полициски службеници. Притоа бил повреден еден полициски службеник.
Оценувајќи дека постои опасност тројцата осомничени да се дадат во бегство и можност да го повторат делото што им се става на товар, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлози за определување притвор- велат од ОЈО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.