Министерството за одбрана ќе набавува нови повеќенаменски хеликоптери, најверојатно осум на број, кои ќе имаат првенствено транспортна улога, а не борбена, најави министерката Славјанка Петровска во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Стигнати се пет понуди од различни држави и компании, открива Петровска и додава дека во моментов се прави евалуација од страна на Интегриран проектен тим кој веќе во април треба да достави извештај до министерката. Намерата е леталата што ќе се купат да бидат повеќенаменски и освен за одбраната, да можат да се користат и за цивилната заштита и спасување.
За разлика од стандардните јавни набавки, оваа ќе се прави во договор влада со влада. Пари од буџетот ќе има и станува збор за повеќегодишна набавка, вели министерката. Ако дел од средствата треба да бидат исплатени оваа година, тоа ќе биде обезбедено, вели Петровска.
„Би сугерирала до Владата, државниот врв и Собранието (бидејќи во втора фаза тоа треба да се одобри и во Собрание) да се случи тоа што е можно побрзо, поради тоа што треба да го имаме предвид притисокот или ангажманот на сета воена индустрија во светот, со оглед на околностите во Украина, и, се разбира, затоа што треба да се погрижиме хеликоптерите кои ќе бидат предмет на таа набавка да ги имаме што е можно побрзо“, додава Петровска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.