Дипломатијата е огледало на државата. Македонската дипломатија во изминативе 30 години имаше огледало кое граѓаните честопати со право посакуваа да го скршат. Причини имаше многу, а најчесто беа поврзани со постапки сосема несвојствени за работата и кодексот на однесување на дипломатско-конзуларниот персонал. Но, сепак се случуваа – од многу инциденти со физички пресметки во амбасадите и конзулатите, преку злоупотреба на ресурси за приватни забави, до приватна врска која кулминираше со украден службен лаптоп, полициска интервенција и судски процес. По ваквите скандали, казните за амбасадорски возења под дејство на алкохол ги доживуваме како бенигни случаи во однос на другите „проблесоци“ на македонските дипломати, се вели во анализата на „Дојче веле“.
По бројните уверувања дека македонската дипломатија ќе ја претставуваат компетентни, и кадри со висок морален и професионален интегритет, јавноста сега е сензибилизирана со информација за избор спротивен на ваквите најави. Ни МНР, ни Владата не потврдија дали на затворена владина седница бил прифатен предлогот Бесмира Ејупи (28) да биде генерален конзул на Македонија во Њујорк, САД. Неофицијални извори велат дека така било.
Најмалку се во прашање годините на предложената кандидатка за конзул. Кај нас годините одамна се релативна категорија, уште од времето кога земјата доби премиер со 29 години, потпретседател на државата со 25 години, а во 2000. година влезе и во Гинисовата книга на рекорди како пример за државнички двоец од најмлад премиер и највозрасен претседател.
Во случајов, во прашање е, пред сѐ, стручноста и искуството за таа позиција. Јавноста нема официјални податоци врз основа на кои професионални компетенции е предложена спомената личност. Јавно достапниот податок за минат труд во областа на тв-презентерство не е соодветна препорака за предложената позиција, но не знаеме дали во меѓувреме лицето се стекнало со други соодветни знаења и вештини.
Ако јавноста не добие отчет од МНР зошто е предложена, и отчет од Владата – зошто го прифатила предлогот за конкретната личност, практично граѓаните и немаат друга можност да бидат информирани за (не)основноста на овој предлог. Бидејќи, за разлика од процедурата за именување амбасадори, процедурата за испраќање генерален конзул не подразбира кандидатот да се презентира себе си и својата работа пред собраниската Комисија за надворешни работи. По извесен процедурален период едноставно ќе замине во Њујорк, без да го видиме, без да слушнеме како ја разбира функцијата, како ќе ја извршува, со какво знаење и одговорност.
Најмалку што се очекува е овие прашања да биле поставени на седницата на Владата.
Целата анализа на ДВ
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.