За неполн месец, 27 мај, 15 620 средношколци кои се пријавиле да полагаат државна матура треба да бидат тестирани по првиот екстерен испит – Мајчин јазик (македонски, албански, турски) и литература. Завршниот испит ќе биде неизвесен доколку повеќе од една недела трае генералниот штрајк, кој вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) го почнаа во вторникот.
Дваесет и деветте вработени бараат повисоки плати кои не им се зголемени и по повторниот пораст на минималната плата, што довело до изедначување на платите за различни работни позиции. Речиси половина од нив, 11, примаат околу 20.100 денари, а советниците кои, како што велат, се стожерот на ДИЦ, добиваат плата од 26 илјади денари. Измените на колективниот договор со кои би добиле линеарно покачување ги доставиле до Министерството за финансии од кое бараат согласност.
Синдикалната организација на ДИЦ соопшти дека ги стопира сите процеси што се во надлежност на Центарот – покрај организацијата на претстојната државна матура, овие вработени ги подготвуваат и меѓународните тестирања, обуката и испитот за директори на училишта, приправничките испити за сите наставници.
Наставниците одамна добија покачувања, а платите наши беа заборавени. Со покачување на минималната плата веќе двапати, се зголемија само на тие со најниска позиција. А ние сме основата т.е. стожерот на еден куп процеси кои се случуваат во образованието. Дојдовме во ситуација во која вработените не можат да преживеат со оглед на поскапувањата. Ние имаме улога многу посериозна од тоа колку нѐ цени Владата. Се надеваме дека во најскоро време ќе добиеме позитивен одговор. Не е само државната матура, има процеси коишто се врзани со рокови. Овие вработени се во клучни процеси, секој од нив е битен и битно е да биде стимулиран, да добиеме плата за достоинствен живот – изјави Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ.
По усогласувањето со Сојузот на средношколци и прифаќањето на четирите нивни барања за олеснување на државната матура и уписот на факултетите, Министерството за образование и наука заедно со Министерството за финансии сега треба да најде решение и за барањата на вработените што се задолжени да го спроведат договореното со матурантите.
Министерот Јетон Шаќири ги повика вработените да не ја доведуваат во прашање државната матура. Апелираше тие, заедно со директорката, да комуницираат со другите институции и да го чекаат Општиот колективен договор.
Сите имаме и правна одговорност и оваа институција не треба да ја користи ситуацијата кога средношколците треба да полагаат државна матура – рече Шаќири.
Директорката на ДИЦ Благица Павловска смета дека и правото на штрајк, и правото на образование, се уставно загарантирани и повика да се најде решение.
Како раководител не го оспорувам процесот на штрајк како уставно загарантирано право, но секако дека и правото на образование е уставно загарантирано и сметам дека не треба образовниот процес да трпи последици. Апелираме на изнаоѓање на решение – изјави Павловска за МИА.
На брзо решение повикува и Сојузот на средношколци кој официјално немал состанок за да се дискутира по ова прашање, но неговиот претседател, Лука Павиќевиќ, како што вели, „лично има целосни симпатии за барањата на вработените во Државниот испитен центар“.
Износите на платите што ги споделија со јавноста се скандалозни и недозволиви. Станува збор за навистина мал број вработени, што значи дека зголемувањето на платите нема сериозно да ја обремени државата. Сметам дека не треба државната матура да биде доведена во прашање бидејќи таа ќе им наштети најмногу на матурантите, но и на целиот систем. Токму затоа апелирам надлежните институции – МОН и Министерството за финансии, да ги прифатат барањата на вработените и заеднички да изнајдат начин мирно и навремено да го решат штрајкот – вели Павиќевиќ за МИА.
Додава и дека во прегледот на ОЕЦД за образованието во земјава е наведено дека: „Државниот испитен центар е препознатлив во регионот поради иновативната поставеност и интегритет“.
ДИЦ во изминатиот период работеше на приспособување на тестовите за државната матура согласно договорот меѓу Министерството за образование и наука и Сојузот на средношколци за олеснување на полагањето на првиот екстерен испит – Мајчин јазик (македонски, албански, турски) и литература, закажан за 27 мај.
Директорката на ДИЦ Благица Павловска за МИА изјави дека ги скратиле по обем тестовите и е намален бројот на зборови за есејот. Исто така, рече таа, намален по обем е и тестот по Математика кој ќе има помал број задачи.
При изготвување на тестовите по Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература и Турски јазик и литература е испочитуван договорот со средношколците. Односно скратени се по обем тестовите и бројот на зборови за есејот е намален. Како и секоја година, и оваа Државниот испитен центар изготви Упатство за пишување текст со зададени насоки и Насоки за реализација на испитот по мајчините јазици. Во насоките се дадени авторите и делата од светската книжевност кои би можеле да се дел од тестот. Исто така, и тестот по Математика е намален, односно бројот на задачи. На матурантите кои избрале да полагаат Математика ќе им бидат достапни и основните формули. Од оваа учебна година тие се содржат во рамките на тестот – појасни Павловска.
Според податоците на ДИЦ, за државна матура во јунскиот испитен рок годинава се пријавени 15 620 матуранти. Од нив, 6750 се од гимназиско образование, 8598 од средно стручно и 272 од средно уметничко образование.
На 27 мај треба да се полага првиот екстерен испит – Мајчин јазик и литература кој е задолжителен за сите матуранти. Македонски јазик и литература се пријавиле да полагаат 10 768, Албански јазик и литература 4380, Турски јазик и литература 357 матуранти.
На 10 јуни е закажан тестот од вториот екстерен испит. Тој е изборен и матурантите имаа можност да избираат меѓу седум предмети. Како и во минатите години, најмногу пријавени (13 922) има за испитот по Англиски јазик, за Математика се пријавени 1397, Француски јазик – 29, Германски јазик – 122, Руски јазик – 17, Естетика – 81 и Филозофија ќе полагаат седум матуранти.
Испитите ќе почнуваат во 10 часот, а за реализација на државната матура ќе бидат вклучени околу 1700 тестатори. Доколку (навреме) се реализира јунската сесија, матурантите што нема да ја положат матурата или не во целост, ќе може да полагаат во августовската испитна сесија – на 9 и 11 август.
Паралелно, се подготвуваат и различни модели на државна матура во иднина, соодветно на видот на образование. Новата Концепција за испити на крајот на четиригодишното средно образование е вклучена во новиот закон за средно образование кој треба да биде усвоен и се очекува новиот начин на полагање на матурата да се применува по три учебни години.
Кога ќе се донесе новиот закон, таа ќе почне да се применува. Со неа е предвидено поделба на испитите на крајот на четиригодишното образование според видот. Односно стручните училишта, уметничките и гимназиите ќе имаат различен вид на испити на крај на четиригодишното образование. Пред да се воведат новите испити ќе се пилотираат, со цел учениците да бидат запознаени со нив. Предвидено е со овие испити да се започне по три учебни години, рече директорката на Државниот испитен центар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.