Повеќе од 800 образовни асистенти ќе бидат ангажирани во основните училишта во новата учебна година, за да им помагаат на учениците со посебни образовни потреби полесно да ја совладуваат наставната материја и училишните обврски. Тоа значи дека поддршката кон овие ученици постојано расте. Образовната асистенција и натаму е обврска на државата, односно не е финансиски товар на семејствата на учениците, соопшти Министерството за образование и наука (МОН).
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска се сретна со директорките на двете скопски основни училишта со ресурсни центри „Златан Сремец“ и „Иднина“ – Марија Делетиќ и Лорета Андреевска, на која се дискутираше за подготвителните активности кои во моментов се спроведуваат и ќе следат за успешен старт на новата учебна година за сите ученици со попреченост.
Образовната асистенција започна со ангажирање на 500тини стручни лица во основното образование пред 2 години. Изминатава учебна година имавме 720, а од следната бројката ќе биде уште поголема. Целосно ќе го обезбедиме буџетот за нивно ангажирање и родителите, односно старателите на учениците со попреченост нема да имаат никакви финансиски издатоци по овој основ, рече Шаќири.
Тој информираше дека во постапка на изработка е нов Закон за средно образование и дека во истиот се предвидува ангажирање на образовни асистенти и во средните училишта, кои досега се вклучуваа преку програма за општинско корисна работа, склучена помеѓу општините, Град Скопје, МОН, МТСП и УНДП како финансиер.
Улогата на образовните асистенти е различна од ученик до ученик и зависи од процената по МКФ (меѓународна класификација на функционирање), дадените препораки, индивидуалниот образовен план за работа со ученикот со посебни потреби, од паралелката и училиштето. Работните задачи на образовниот асистент се уредени со Правилник за нормативот, описот на компетенциите и работните задачи на образовниот и личниот асистент, а обуките за нив ги организираат основните училишта со ресурсни центри, каде и воедно истите се вработуваат.
Инаку, во основните општински училишта во земјава се вклучени околу 2000 ученици со посебни образовни потреби, додека во средните се инклудирани 300 ученици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.