Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска за време на престојот во Република Полска, оствари билатерална средба со министерката за семејство и социјална политика Марлена Малаг, на која беше потпишан Меморандум за соработка со полското Министерството за семејство и социјална политика.
Како што посочуваат од МТСП, на средбата е разговарано на повеќе теми, од кои фокусот беше ставен на социјалната економија. Министерката Малаг изјави дека во нивната земја има традиција на солидарност, а со влезот во ЕУ и носењето на законската регулатива постигнат е исклучителен напредок. Новиот закон на кој работи полското Министерство ги вклучува темите на социјална интеграција, создавање на нови работни места и социјални услуги.
Министерката Тренчевска ги посочила подготовките низ кои поминуваме во процесот на изработка на Законот за социјално претприемништво. Всушност и социјалните услуги на кои интензивно се работи, со цел нивен успешен развој.
– Во Република Македонија социјалните услуги се потенцијал за развој на социјалното претприемништво и создавање работни места на најранливите категории на граѓани, рече Тренчевска.
Исто така, како што посочуваат, на средбата е разговарано и за поддршката на лицата со попреченост при што двете страни ги потенцираа силните напори за деинституционализација, креирање социјални услуги и поддршка на овие лица.
Претставниците на македонската делегација информирале околу изработката на повеќегодишна Национална стратегија за лица со попреченост која треба да се донесе во блиска иднина и процесот на деинституционализација на лицата со попреченост, процес кој е во тек, со започнатите реформи во социјалната заштита од 2019 година.
На средбата е дискутирано на темите за заштита на децата, згрижувачките семејства и елиминирање на семејно насилство и насилство врз жените.
Тренчевска и Малаг средбата ја заокружиле со договор за понатамошна соработка, особено на полето на социјалното претприемништво и реализирање на Меморандумот за соработка.
Министерката Тренчевска изрази задоволство од пријателските односи кои ги имаат двете држави, како и поддршката на Република Полска на Република Македонија во процесот на европската интеграција, поддршка за која и двете страни изразија уверување дека ќе продолжи и во процесот на преговори на нашата земја со Европската Комисија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.