Пратеничката на владејачката СДСМ Санела Шкријељ во емисијата „24 анализа“ се обиде да извлече позитивни наводи за власта во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за земјава, во кој се забележува дека корупцијата е најголемиот проблем со кој се соочува Македонија.
Шкријељ вели дека во извештајот има реченица која ги забележува напорите на Владата да се идентификуваат и процесуираат корумпирани функционери во нејзините редови.
Корупцијата е сѐ уште проблем, но сега има реченица која вели дека Владата работи на идентификување и процесирање на фунцкионери кои биле поврзани со корупција. Примерот дека имаме функционери од актуелното владејачко мнозинство, а се процесирани укажува дека Владата решила да се бори со корупцијата, рече таа во емисијата на телевизијата „24“.
Наспроти впечатоците дека извештајот на Стејт департментот многу неповолно ја нотира корупцијата во земјава, пратеничката вели дека ако се анализира реториката во документот, „се гледа дека ситуацијата во земјата се подобрува“.
Ако се вратиме наназад, ќе видиме дека речениците беа дека Владата презема ограничени чекори за да идентификува и процесира случаи на високи функционери. До пред неколку години беше незамисливо функционери од тогашната владејачка гарнитура да одговараат, рече Шкријељ.
Таа додаде дека овој извештај претставува патоказ, како и сите други извештаи на меѓународните партнери кои покажуваат до каде сме и каде имаме предизвици.
Опозицијата да прекине да ги блокира законите за кои и Европската комисија ни кажа дека мора да ги донесеме
Извештајот на Стејт департментот и Извештајот на Европската комисија ни даваат насоки каде треба да одиме со реформите за да ги исправиме работите во судството и во борбата против корупцијата. Тука ни е потребна согласноста на партиите за да може заеднички да ги истераме работите, а факт е дека две години законите се блокирани во Собранието, рече пратеничката од СДСМ.
Таа додаде дека опозицијата ги блокира законите за кои во Извештајот на Европската комисија се констатира дека се потребни за да може да видиме некои промени.
Ова е заеднички проблем на целото општество што се должи на долга низа години на неказнивост во општеството, рече Шкријељ.
Пратеничката додаде дека оваа Влада не се обидува да ги стави проблемите под тепих и дека бара решенија за системските проблеми со корупцијата и судството кои се креирани со постапките на претходните влади долги години наназад.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.