Франција ќе ја поддржи Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, но во согласност со меѓународно преземените обврски – ова е пораката која како што е објавено од Елисејската палата, францускиот претседател Емануел Макрон ја пренел на премиерот Мицкоски на состанокот кој двајцата го имаа на маргините на самитот на Европската политичка заедница. Покрај за европските интеграции на земјава, во кусото соопштение како што е наведено, Мицкоски и Макрон разговарале и за продлабочување на односите меѓу двете земји, особено во однос на економската соработка.
За време на средбата, двајцата лидери се согласија за важноста од продлабочување на односите меѓу Франција и Македонија, особено во однос на економската соработка во областа на енергетиката, здравството и транспортот. Претседателот на Републиката во тој контекст ја потврди и поддршката на Франција за европската траекторија на Македонија. Тој посочи дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Македонија во оваа насока, во согласност со нејзините меѓународни обврски. – стои во соопштението објавено од Елисејската палата.
Премиерот Христијан Мицкоски пак, по состанокот со Макрон во Будимпешта и учеството на Европската политичка заедница порача дека е оптимист за деблокада на македонските евроинтеграции.
Мора да успееме. Мора да бидеме таму каде што заслужуваме. А тоа е, успешна, европска приказна, а местото наше е во рамките на ЕУ. После овој состанок на ЕПЗ тука во Будимпешта сум уште повеќе оптимист дека мора да не биде и ќе не биде – истакна Претседателот на Владата.
Средбата според вицепремиерот Николоски е силна порака за земјава, особено како што вели, Макрон во моментов има највисока поддршка од сите земји-членки во Унијата.
Макрон во моментов неспорно е лидер на Европа, политичар којшто има највисока поддршка и најстабилен мандат во рамки на ЕУ од сите големи земји-членки и на конференција којашто трае само еден ден, да одвои толку време за да се сретне со премиерот на Македонија, мислам дека многу говори и за личниот авторитет што го има премиеорт Мицкоски и за угледот што го ужива Македонија – изјави денеска Александар Николоски, Вицепремиер и министер за транспорт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.