Со дијалог, разбирање, толеранција и компромис може да се решат и најтешките прашања, а со тоа да се отворат нови перспективи за пријателство и соработка. Во текот на овие 30 години членство во Обединетите нации, Македонија постепено ги решаваше прашањата со своите соседи користејќи цврста и постојана политика на добрососедство, истакна премиерот Димитар Ковачевски кој учествуваше на панел во Њујорк по повод 30 години членство на Македонија во оваа меѓународна организација.
– Мислам дека можеме подобро и повеќе, но кога ќе погледнеме наназад три децении, можам да кажам дека постигнавме многу и го постигнавме тоа заедно. Тука имаме и генерали од војската на ОН кои беа со нас од прв ден, имаме амбасадори кои служеа во Скопје, во Белград, кои, исто така, го поддржаа нашиот пат кон модерна Република Македонија, членка на НАТО и идна членка на ЕУ. Затоа, сакам да ви се заблагодарам на сите, во име на Владата, во мое лично име и во име на граѓаните за сè што направивте за земјата и за нејзините граѓани во минатото и што ќе го направите во иднина, рече Ковачевски.
Приемот во ОН, пред 30 години, како што посочи премиерот, е исполнување на генерациски сон – да се живее во слободна, суверена и независна држава, цврсто засидрена во светското семејство на нации, најавувајќи дека Македонија ќе продолжи да ја зацврстува својата позиција и ќе стане поактивен миротворен фактор во центрите на меѓународната политика, како што е Организацијата на Обединетите нации.
Начелата на кои Македонија ја спроведува својата надворешна политика, според Ковачевски, се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различноста во демократските процеси, заштита и унапредувањето на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи.
Во своето обраќање, Ковачевски посочи дека државата придонесува кон зацврстување на безбедноста, демократијата и човековите права на национално, регионално и глобално ниво.
– Станавме членка на НАТО. Завршувањето на интеграцијата кон ЕУ, кон која вложуваме посветени напори, ќе претставува крај на долгиот пат што започна со референдумот за независност во 1991 година и последователниот прием на нашата земја во ОН, пред 30 години. Овој пат воопшто не беше лесен. Беше пат полн со воздржаност, истрајност во поддржувањето на начелата и политиките за мир, соработка и пријателство, како и решеност да се придржуваме до нив дури и во најтешките времиња, нагласи премиерот.
Посочи дека првиот претседател Киро Глигоров мудро и вешто ја водел земјата низ сите предизвици и тешкотии, комбинирајќи ја волјата за независност на народот, јасно изразена на референдумот од 8 септември 1991 година, со трпение, мудрост и решителност да се избегнат сите замки од маѓепсаниот круг на конфронтации и конфликти.
Оддавајќи му заслуга на првиот претседател на државата, Ковачевски потенцирал дека му е чест што со нив е еден од неговите главни соработници првиот и тогашен министер за надворешни работи Денко Малески.
– Јас лично се сеќавам на изминатите триесет години. Сепак, сите наскоро станавме свесни дека мирното добивање на независност е само почеток на долг и нерамен пат за нашата земја, бидејќи ниту една друга во регионот, па би рекол и во Европа не морала да донесе тешки одлуки, да направи тешки избори, а сите тие да бидат правилни за иднината на земјата. Уште повеќе: самиот факт дека за разлика од другите републики во поранешна Југославија, ние успеавме да дојдеме до нашата независност на мирен начин, што се сметаше за чудо! Со растојание од 30 години, мислам дека може да зборуваме ако не за чудо, тогаш сигурно за еден вид оригинален македонски рецепт за мир. Главните состојки на овој рецепт за мир беа мошне едноставни; некои од нив се дел од насловот на овој панел: дипломатијата, општата, но и превентивната, медијацијата и добрососедството. Додајте на тоа политичка мудрост, толеранција, култура на дијалог и подготвеност за компромис, и ете ја успешната македонска приказна, нагласи Ковачевски.
Со приклучувањето кон ОН на 8 април 1993 година, истакна премиерот, беше поставен преседан во ОН, да имаш земја која се прифаќа под привремена референца која потоа се користеше во следните 27 години.
– Под закрила на ОН и со назначувањето на двајцата медијатори на Генералниот секретар, Сајрус Ванс и Метју Нимиц, за кој ми е драго што можеше да ни се придружи денес и да учествува на овој панел, започнаа разговорите меѓу Грција и нашата земја во врска со разликите за името, а конечно беа завршени преку медијација, со потпишување на Преспанскиот договор во јуни 2018 година. За нас тоа беше тежок и болен компромис. Сепак, со тоа, нашата земја докажа дека преку употреба на дипломатија и дијалог, разбирање и толеранција, како и со компромис, дури и најтешките прашања може да се решат, а со тоа, да се отворат нови перспективи за пријателство и соработка. Во истата насока, во текот на триесетте години членство во ОН, Македонија постепено ги решава отворените прашања со соседите преку употреба на цврста и стабилна политика на добрососедство, рече Ковачевски.
Тука, рече Ковачевски, морам да ги споменам и сите лидери на нашата земја кои ги донесоа овие тешки одлуки.
– Јас сум последниот меѓу нив, кој во овој момент ја има честа и одговорноста да ја предводи Владата и со тоа што бев дел од преговорите минатата година за започнување на пристапните преговори и скрининг процесот со ЕУ, можам да кажам дека носењето одлуки против кои се 80 проценти од јавното мислење креирано од хистеријата на оние кои не сакаат да ја видат државата интегрирана во НАТО и ЕУ, не е лесна одлука, рече Ковачевски.
Македонија, рече Ковачевски, е сериозен регионален чинител во градењето и одржувањето на добрососедски односи и со богатото искуство во создавањето модели за решавање на идентитетските и други конфликти, може и ќе им помогне на институциите во ОН во спроведувањето на нивната надлежност во превентивната дипломатија и спречувањето конфликти, преговарањето при конфликти и помирувањето.
Дискусијата се одржа во седиштето на ОН во Њујорк, на која се обратија и Љубомир Фрчковски, постојан претставник на Република Македонија во ОН, Метју Нимиц, американски дипломат и специјален пратеник на ОН во спорот за името, Џон Багот, полковник во пензија, командант на американскиот батаљон во УНПРЕДЕП, Мирослав Јенча, помошник генерален секретар за политички работи на ОН и Денко Малески прв министер за надворешни работи на нашата држава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.