Светскиот весник број еден „Њујорк Тајмс“ објави текст за злоупотребите на етничкиот балансер при вработувањето во јавниот сервис во Македонија. Во текстот насловен „Етничкиот балансер за работни места во Владата станува фокус на етничките поделби“, новинарот на „Њујорк Тајмс“ Ендрју Хигинс пренесува како граѓаните на Македонија фиктивно ја менуваат својата етничка припадност за да се вработат во јавниот сектор.
Хигинс опишува како, при неодамнешно планирано вработување во јавниот сектор во Тетово, општинскиот службеник го внел планираниот број на нови вработувања во компјутерскиот „балансер“ и добил одговор дека на вкупно 20 позиции треба да вработи 16 Албанци, тројца Македонци и еден Ром.
Критичарите на овој пристап велат дека со „балансерот“ етничката припадност е поважна од личната способност, додека поддржувачите на моделот тврдат дека тој ја спасил земјата од граѓанска војна. Двете страни се согласни дека вработувањата масовно се злоупотребуваат, особено од страна на етничките политички партии кои го изигруваат системот, па место да се промовира мултиетничноста, се отвораат непотребни работни места во јавниот сектор. Многумина од етничкото македонско мнозинство сметаат дека ова е пример за нечесно преуредување на општеството, пишува „Њујорк Тајмс“.
Весникот го цитира Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, која се залага за укинување на „балансерот“.
Во оваа земја премногу се фокусиравме на етничката припадност, наместо на способноста и знаењето, вели Муцунски.
Фатмир Сабриу, задолжен за кадровска политика во тетовската општина, за „Њујорк Тајмс“ вели дека Албанците сега се 79 проценти од вкупниуот број вработени во општината и признава дека системот се злоупотребува од политичките партии, чии кандидати честопати наведуваат лажна етничка припадност. Сабриу вели дека од 2006 година, бројот на вработените во општината пораснал од 125 на 362.
Ромската кандидатка, Шефкете Хамза, вели дека добила работа преку „балансерот“, но дека од другите кандидати, тројца Македонци и двајца Албанци лажно се пријавиле како Роми.
Јас бев единствената вистинска Ромка“, изјавила Шефкете Хамза за „Њујорк Тајмс“.
Весникот ја цитира и министерката за култура во заминување, Бисера Костадиновска – Стојчевска, која признава дека двајца високи функционери во Министерството, вработени во квотата за етнички Македонци, всушност се Албанци. Костадиновска додава дека не можела ништо да направи за да се запрат злоупотребите.
Ако луѓе кажат дека се чувствуваат како Македонци или како Албанци, што можам јас да им правам?, вели Костадиновска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.