Се менуваат 9 члена од законот за издавање на лична карта. Собранието денес го усвои предлогот за измените на законот да се носат по скратена постапка, по што комисиите ќе го разгледуваат и ќе биде ставен на гласање пред пратениците.
Со измените се ревидира членот 8 од законот, при што се предвидува дека доколку граѓанинот го промени живеалиштето или податоците од личната карта во тој случај мора во рок од 15 дена да побараат менување на живеалиштето и издавање нова лична карта, а притоа е потребно граѓанинот да приложи документ со кој ја докажува промената.
За продолжување на личната карта отсега граѓаните кои го смениле живеалиштето во полиција ќе мора да носат и имотен лист, а за промена на други податоци соодветен доказ, предвидуваат измените на Законот за лична карта.
Имено, со постојната состојба голем број на граѓани не ја менуваат личната карта иако смениле живеалиште, се до истекот на важечката лична карта. Со ова се оставаше можност и за избегнување на одредени законски обврски, но и непрецизни евиденции за издадени лични карти, кои се водат од страна на Министерството за внатрешни работи.
Со Законот за личната карта е предвидено дека барањето за издавање на лична карта граѓанинот го поднесува лично во МВР според подрачјето на кое граѓанинот има живеалиште. При практичната примена на законот се утврди потребата да им се овозможи на граѓаните барањето да го поднесат во МВР според местото на престојување. При конципирање на ова решение се имаа предвид сè, интересите на граѓаните, но се имаше за цел и заживување на престојувалиштето, како законска категорија – се вели во предлог-измените на Законот за лична карта.
Понатаму, во законот се додава и решение според кое член од семејството може да поднесе барање за издавање на лична карта за лице не може да го поднесе лично од оправдани здравствени причини и при тоа во прилог на барањето треба да достави документ со кој се докажуваат оправданите здравствени причини заради кои барателот не може да дојде лично.
Се воведува и решение во случај кога бездомник за првпат поднесува барање за издавање на лична карта, земањето податоци за биометриските карактеристики за бездомникот се врши во присуство на службено лице од центарот за социјални работи. За бездомник се смета граѓанин кој нема место и адреса на живеење и средства со кои би можел да ја задоволи потребата од домување.
На граѓанин над 65 години живот му се издава лична карта со трајно важење – се вели во предлог-измените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.