Општина Студеничани доби нова училишна спортска сала во село Морани, а се работи и на ново основно училиште во населеното место Љубош. Двете капитални инвестиции ги реализира Министерството за образование и наука, за што се одвоени над 70 милиони денари од државниот буџет.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска беше во посета на Студеничани и, како што информира МОН, потенцираше дека во последните неколку години оваа општина значително се урбанизира од сите можни аспекти, а особено инфраструктурно.
Голема заслуга за тоа, рече Шаќири, има и раководството на локалната самоуправа, но и Владата која води политика на подеднаков третман на сите региони и општини, со единствена цел – да се подобри стандардот и квалитетот на живот на граѓаните.
Морани денес добива нова спортска сала, современ објект во склоп на основното училиште „Наим Фрашери“ во кој вложивме речиси 24 милиони денари. Најзадоволни ќе бидат учениците од ова училиште кои од септември конечно ќе можат достоинствено да ги реализираат часовите по предметот физичко образование, онака како што доликува. Спортската сала е опремена со реквизити за одбојка, ракомет, мал фудбал, кошарка, пинг понг и гимнастика, додека објектот е целосно енергетски ефикасен и ги задоволува сите стандарди дури и за професионални натпревари по спортовите кои ги споменав, рече Шаќири.
Министерот посака спортската сала да се користи што повеќе и да биде место од каде ќе произлезат многу нови спортисти, репрезентативци, но најважно е, како што рече, да биде место од каде ќе произлегуваат многу нови, здрави генерации кои ќе бидат правилно насочени – кон спорт, наместо кон пороци.
За новото училиште кое се гради во селото Батинци, поточно во населеното место Љубош и ќе функционира како подрачно на ОУ „Алија Авдовиќ“, МОН одвои над 47 милиони денари.
Овој дел од општината навистина имаше потреба од училиште. Досега дечињата од тука, кои се многу на број, секојдневно патуваа за да учат во други објекти, но повеќе нема да биде така. Тие ќе си учат во близина на нивното место на живеење и тоа во навистина модерен објект, рече Шаќири, најавувајќи и други капитални инвестиции во Студеничани во иднина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.