Морам да признаам дека она што ме загрижува во овие разговори е што бројни соговорници прашуваат како е возможно македонската Влада да прифатила предлог кој што е крајно штетен за Македонија. Што е најдобар доказ дека Владата на СДСМ и ДУИ, Владата на Ковачевски дала согласност за последниот предлог кој што директно ја негира засебноста на македонскиот народ , македонскиот јазик и ја брише историјата и практично значи бугаризација на Македонија, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Значи дека Македонија нема да ги почне преговорите со ЕУ и нема да стане членка на ЕУ се додека целосно не се бугаризира. Доколку тоа не се случи Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Презентирањето на еден ваков предлог од страна на многу сериозна држава како Франција не може да помине без знаење и согласност и од Владата на Бугарија и од Владата на Македонија. И затоа исклучително многу загрижува молкот на Владата на СДСМ и ДУИ по однос на последниот предлог што само го потврдува она што го слушнав деновиве во Стразбур,а тоа е дека Владата за жал дала согласност на овој предлог. Ги повикувам јавно да излезат и да го кажат нивниот став по однос на предлогот, да го отфрлат предлогот затоа што тоа е крајно штетен за Македонија и пред се за Македонците како доминантен народ во Македонија, и на тој начин да ги заштитат македонските национални интереси. Затоа што доколку се прифати овој предлог, овој предлог води кон уништување на Македонија ваква каква што ја познаваме. Овој предлог е дебакл за македонската дипломатија. И овој предлог значи ништо друго освен целосно исполнување на барањата на Бугарија. И затоа истиот треба да биде отфрлен. Во однос на приказните дека Македонија ќе почне преговори со ЕУ повторно се неточни затоа што предлогот јасно говори дека не можат да почнат преговори додека не се смени Уставот на Македонија, за што е потребно двотретинско мнозинство – посочи тој.
Николоски повтори дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати ваков предлог и дека партијата ќе биде браникот на Македонија и интересите на македонскиот народ.
Јасно кажуваме како ВМРО-ДПМНЕ дека ваков штетен предлог нема да прифатиме и подржиме и дека секогаш ќе бидеме на браникот на Македонија и интересите на македонскиот народ. Ќе продолжам да говорам тука, но мислам дека истото треба да го прават и од Владата и не треба да играат детски игри од типот, одат или не одат во Брисел да се сретнат со европските челници. Местото на македонската влада, на врвните луѓе во македонската влада е да бидат таму каде што се носат одлуките, ако се носат во Брисел во Брисел, ако се носат во Париз во Париз, ако се носат во Берлин во Берлин и на тој начин да работат за Македонија, а не како мали деца на коишто не им се допаѓа играта да ја дупнат топката односно да речат ние не доаѓаме, а претходно веќе се согласиле на предлог којшто е крајно штетен за Македонија и за којшто јавноста има огромна реакција – порача тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.