Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во следните 3 дена ќе учествува на серија настани во Брисел посветени на состојбата во Европа со два главни фокуси – „Промени во време на криза Нов социјален договор за нова ера“ и „Европскиот демократски проблем”. Настаните се во организација Европската Унија и познатата тинк тенк организација „Пријатели на Европа“ кои го избраа Николоски за дел од т.н. програма „40 под 40“ каде што Николоски е во друштво со највлијателните 40 личности под 40 години од Европа кои што имаат силно влијание во општествените случувања, политичките процеси во Европа, бизнисот, медиумите и граѓанскиот сектор.
Во Брисел во наредните 3 дена се случува најголемиот годишен настан на кој е предвидена дискусија со голем број политичари, премиери, комесари од ЕУ, европратеници и пратеници во националните парламенти, професори од светски познати универзитети, невладини организации, граѓански активисти, новинари. Учествуваат над 200 учесници. Започнува со гала вечера, продолжува со два дена интензивна работа која ќе се пренесува во живо во преку 40 земји, а чија главна цел е да се дефинираат политики кои ЕУ ќе ги реализира во следните години. На годинешниот настан е предвидено да се разговара за состојбата во Европа и предизвиците со кои се соочува Европа во новата ера како и за транзиција и промени во услови на криза, а предвидено е и да се разменат идеи и погледи помеѓу учесниците и креирање нови политики кои ќе го подобрат животот на граѓаните.
Во рамки на програмата предвидено е Николоски да дискутира и да се сретне со голем број влијателни политичари од Европа како што се заменик премиерот на Белгија Петра Де Сутер, потпретседателот на Европската Комисија Дубравка Шуица, еврокомесарите Елиса Фереира и Марија Габриел, претседателот на комитетот за индустрија на Европскиот парламент Кристиан Бушои, заменик премиерот на Шпанија и министер за Економија и дигитална трансформација Надја Калвињо, поранешниот претседател на Литванија Далиа Грибаускајте, Клаус Веле генерален секретар на Европскиот Парламент, Јулија Свириденко прв потпретседател на Владата на Украина и уште многу врвни политичари и општествени чинители од цела Европа.
Целта на ваквиот настан е подобро вмрежување помеѓу општествените чинители во Европа, размена на идеи и размислувања со цел подобрување на животниот стандард, придвижување кон нови технологии, дигитализација, зајакнување на економијата и подобро справување со предизвиците со кои се соочува Европа.
Николоски во рамки на посетата на Брисел ќе даде свој придонес и видувања каде Македонија и ВМРО-ДПМНЕ ја гледаат Европа во следниот период, ќе ја нагласи потребата од почеток на преговори за членство со ЕУ без одлагање, заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, како и борба со корупција и воведување на функционален систем на владеење на правото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.