Еве трет ден дебата за можеби една од најбитните и најсуштински работи за која што македонското Собрание дискутирало во оваа сала од прогласувањето на независност до денес. Можеби како никогаш претходно разговараме за суштински работи околу иднината на Македонија. Знаете политиката е стара колку и цивилизацијата, кога луѓето почнуваат организирано да живеат почнуваат и да политички се организираат и да бираат претставници кои што ќе го уредуваат нивниот живот. Во Македонија ние сме тие 120. Во политиката исто така е познато од античко време до денес дека многумина влегуваат од користољубие, од среброљубие и од славољубие, малкумина влегуваат затоа што сакаат чесно да се посветат на оние кои што ги бираат. И затоа низ историјата и денес постојат многу политичари кои што народот ги заборавил, на кои што паднала пепелта и маглата и отишле вечно во заборавот и само малкумина кои народот и историјата ги памети и ги цени. Кога ќе се запрашате зошто, одговорот е оваа седница деновиве. Затоа што на едната страна се луѓе кои што за ден повеќе привилегии за службено возило денес, или на времето за некои други привилегии на пример да имаат земја околу себе која што ќе им ја обработуваат робови или за подобра плата или за некоја друга привилегија се спремни да направат се. И од другата страна се такви што се спротивставуваат и не се согласуваат на ова, истакна Александар Николоски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.

Николоски додаде дека за овие три дена разликата е јасна, се гледа многу прецизно и многу јасно кој каде е, односно кој е предавникот, а кој ги брани интересите на Македонија.

Не го потценувајте народот, многу е попаметен и до што мислите и од што ќе ви каже, и од што чувствувате. И кога ќе се видите на улица ви се насмее, во суштина во себе го има гневот и ве пцуе длабоко во себе, затоа што знае што правите. Народот знае каде ја водите работата. Да бидете свесни за таа работа, им порача Николоски на пратениците од СДСМ.

Тој посочи дека тој не е од вчера во Собранието.

Јас не сум од вчера во Собранието, сум видел и власт и опозиција. Но, верувајте вакво понижување не сум видел, ниту сум верувал дека ќе видам било кога. Кога почнав како средношколец да се занимавам со јавна работа, а од мојата 20-та година со политика, ни на крај памет не ми беше дека во македонското Собрание владејачката структура и владејачката коалиција, значи доминантна структура ќе зборува за тоа дека треба да ја ретушираме историјата, дека треба да ги згазиме гробовите на предците, дека треба да им поплукаме на сета жртва и на сите маки кои што ги виделе, нагласи пратеникот.

Николоски запраша зошто ова го направи власта на македонскиот народ.

Зар ова го направивте за уште еден ден власт, за уште пет тендери во РЕК Битола, за уште десет местенки на едно или друго место, за 100-тина вработувања кои што ќе се поделат на една или на друга позиција, за фин одмор кој што веројатно ќе одите во текот на месец август, и каде што кога ќе седите на плажа ќе си велите добро направивме, а длабоко во себе мислам дека и вие знаете што правите, рече Николоски.

Ова што се случува денес е злосторство на цел еден народ. Ова што се случува денес е триумф на 150-годишна империјалистичка бугарска политика. Прочитајте малку во историјата, од основањето на бугарската држава во 1878 година на која ѝ претходи основањето на бугарската егзархија во 1871, стратегијата и позициите се исти, непроменета без разлика дали е Бугарија била кнежество, царство, била во комунизам, или денес демократска република, стратегијата е непроменета. А, таа е дека помеѓу Македонија и Бугарија постои вештачка граница која што треба да се урне затоа што во Македонија живее доминантно бугарско население кое што говори на бугарски дијалект. Тоа е тоа што го имате во предлогот кој што не сакаа ниту да го поделат од Влада, истакна Николоски.

Тој додаде дека прифаќањето на бугарските барања е најголемо предавство во независна Македонија, но многу брзо ќе дојде генерација која што предавството ќе го избрише.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.