Блокада на Собранието е првиот чекор и ќе следуваат уште многу други доколку власта на СДСМ и ДУИ не се вразуми. Јас се уште се надевам дека има време да седнеме да разговараме, пред се тоа е во интерес на граѓаните и државата. Македонија е во континуирана политичка криза, а сега и економска и национална криза. Економската е заради катастрофата во економијата предизвикана пред се од домашната неспособност и од корона пандемијата и војната во Украина, а национална заради ова што со Бугарија. Во исто време погазена е волјата на народот особено после локалните избори каде што ВМРО-ДПМНЕ беше убедлив победник и тоа зборува дека власта треба да си замине, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски за „360 степени3 на Алсат М телевизија.

Николоски истакна дека разумно е да се седне и да се поразговара на лидерска средба каде ќе разговара за сите прашања, но СДСМ бега од вториот дел од понуда за 4 тима во 4  клучни сектори, тоа е пред се состојбата во економијата, здравството образованието и националната катастрофа, која е за да не губи државата време.

Понудата е во тие 4 сектори, да ВМРО-ДПМНЕ понуди луѓе со сериозна политичка тежина и експерти во истите области кои ќе помогнат да се решаваат проблемите, а паралелно да се договори датум за предвремени парламентарни избори. Од страна на власта имаме 5 реченици научени напамет кои постојано ги повторуваат и ги учат на поларизација.  Треба на сите да им е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ има најголема пратеничка група во собранието, после локалните убедливо најголем број градоначалници и позади нас стои огромното мнозинство на народот и тоа не смее да се игнорира. Заев поднесе оставка, а кога премиер ќе поднесе оставка се оди на избори, а не се прават вакви егзибиции со премиер кој не бил на избори, потенцира Николоски.

Во однос на лидерската средба Николоски рече дека ќе се усогласат точки предлози на двете страни, прашања во интерес на двете страни, додека за ако има договор за предвремени избори, ќе се оди на избори, но ако нема договор, тогаш ВМРО-ДПМНЕ има други механизми преку кои ќе се дојде до предвремени избори, дали се тоа протести, дали е продолжување на активната блокада во Собрание или други чекори преку општините.

Тие се свесни дека ќе изгубат на избори, и затоа сега си викаат да истуркаме уште некој месец. На тоа е сведено размислувањето во врвот на СДСМ. Во држава како Македонија неопходен е политички дијалог. Има силна економска криза која силни ги погодува и владата и општините. Владата ја води ДУИ и СДСМ, а општините главно ВМРО-ДПМНЕ, а во дел ДУИ и Алијанса за Албанците. Во моментов нема комуникација и затоа жителите на општините плаќаат повисоки сметки за улично осветлување дури 5 пати повисоки. Нема доволно дотации за училиштата и градинките поради што им се случи штрајк на СОНК. Нема капитални инвестиции. Имаме проблем со Бугарија, а цело општество треба да преговара. Не треба цела држава да страда само што СДСМ се свесни дека ќе губат, изјави Николоски.

Николоски нагласи дека оваа влада е најлоша и економски и политички, затоа до пред некој ден не убедуваа дека ситуацијата е идеална, а вчера викаат дека чека најтешката зима, а што прават сега за зимата да не е тешка, не прават ништо освен што спремаат тендери во 4 очи во РЕК.

Активната блокада на Собранието подразбира многу елементи, прво блокада на сите лоши  законски решенија кои се во интерес на кликата на власт на пример како  концесијата за земјоделско земјиште за кое предност ќе имаат олигарсите, второ садењето марихуана. Такви законски решенија ќе бидат блокирани. Но се уште мислам дека ќе има свесност до 10 мај кај власта, за да ја прифатат понудата за доброто на Македонија.  Прашањето во моментов е колку ќе изгуби државата која е во тешка криза затоа што ја водат неспособни. Македонија има најниска проценка за раст во регионот, празни рафтови, екстремни цени на енергенси, екстремно високи цени на прехранбени продукти, во такви услови слепо држење за столицата значи дека власта нема чесни намери, истакна Николоски.

Николоски додаде дека  власта наместо да ја прифати понудата без срам најавува задолжување од 900 милиони евра што е најголемо досега и тоа е затоа што оваа влада ја водат најнеспособни во историјата.

Изостанува политичко искуство кај премиерот и не може да се носи со предизвиците.  Мислам дека разумот ќе надвладее, решението се предвремени парламентарни избори. Тргнуваме сега и запирање нема и одиме до крај, мора да се случат предвремени парламентарни избори, Македонија премногу изгуби, изјави Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.