Интензивна е политичката ситуација во Македонија, се наоѓаме пред големи предизвици, следните избори ќе решат голем дел од прашањата. Предизвик е состојбата со владеење на правото, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во „Здраво Македонијо“ на Канал 5 и потенцираше дека она што сега се забележува и се разликува од години наназад е тоа што корупцијата се спушти на најниско ниво.

– Години наназад зборувавме за корупција на високо ниво која беше лоша и сега системот се урнисува и оди надолу, што создава два феномени. Економијата не напредува и многу луѓе решаваат да заминат не можејќи да се борат во систем во кој треба да имаш роднина на шалтер или да почастиш нешто за да завршиш обична работа што не смее да биде дозволено. Тоа е тажна вистина која и се случува на Македонија, истакна Николоски.

Николоски додаде дека граѓаните ако порано заминувале од други причини, сега заминуваат затоа што нема никаков ред во државата.

– Јас постојано сум на терен и имам контакт со граѓаните, прв пат одговорот на тоа зошто луѓето си заминуваат се смени интензивно пред 3 до 5 години кога почнаа да одговараат со тоа дека нема ред, а другите заради децата затоа што нема ред во здравство, образование. Се изгубија основни вредности, а тоа се работи кои се средуваат 6 до 9 месеци да се има резултати. Треба само да се работи согласно закони и луѓето да се ослободат, изјави Николоски.

Тој посочи дека за борбата со криминалот и корупцијата треба да се ослободат институциите и секторски да се направи таа битка.

– Сите знаеме кои се корумпирани доктори, но тоа треба да се истражи. Тие што не се да им се тргне таквиот имиџ, а тие што се не смее да останат доктори и да одговараат. Слушаме кои се корумпирани полицајци. Доколку во секој сектор државата удри во тие кои се симбол на рушење на системот, после тоа здравите единки ќе го градат системот, затоа што сметам дека 90% од луѓето кои работат јавна работа се квалитетни и мотивирани, но 10% го рушат угледот и тие се најагресивни и го уништуваат системот. Мора да се направи ред и битката со корупцијата да почне од најниско ниво, нагласи Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.