Во мојата претходна колумна „Шпионски игри“ пишував во детали за случувањата во безбедносниот сектор во Македонија. Очигледно работат се освен она што им е основна задача- заштита на уставниот поредок на Македонија. Така низ државава се отвораат клубови со контроверзни имиња, чија цел е поделби и раздор како и уривање на уставно-правниот поредок на Македонија, и наместо да се занимаваат со спречување на овие активности како и собирање доволно податоци за нивните намери, тие се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ.

Нешто со што недоволно се занимава јавноста е финансирањето на бугарските клубови со што би сакал да ги повикам надлежните институции во Македонија, пред се мислам на Агенцијата за разузнавање, на Агенцијата за национална безбедност и на Финансиското разузнавање да дадат одговори на овие прашања и да ја заштитат Македонија од надворешни непријателски влијанија. Тоа е нивна работа да испитаат кој “хара” по Македонија и кој финансира отворање на овие бугарски клубови во Македонија?

Бугарските клубови во Македонија се финансирани од фондација која што е во сопственост на еден исклучително богат човек од Бугарија кој што главно се занимава со бизнис кој што е во медицината односно има болници и е добро познат на нашите служби. Тие клубови не се финансирани со домашни средства, не се финансирани од основачите на тие клубови, ниту се финансирани директно од бугарската држава преку програма за поддршка на националните малцинства, туку од фондација за која може да постои сомнеж дека е на директна линија со безбедносните служби во Бугарија со цел реализација на активности против македонскиот народ, самобитност и засебност, оспорувајќи ја македонската историја и македонскиот јазик. Оваа недела побарав безбедносните служби да поводат сметка што и како прави финансиерот на овие клубови и како е возможно да доаѓа во Охрид на отворање на клубот „Цар Борис како што го нарекоа и како е возможно да овие клубови се финансираат, тоа е директно мешање на внатрешни работи на суверена држава.

И наместо јавност да добие одговор за потенцијален ангажман гледаме дека поранешниот Премиер Заев и претседателот Пендаровски се среќавале со ова лице според негова сопствена изјава. Ова е сериозно рушење на уставно- правниот поредок на Македонија. Ако безбедносните служби не ги предупредиле Заев и Пендаровски за намерите на ова лице тоа е огромен скандал и пропуст и мора да се понесе одговорност. Ако пак безбедносните служби ги предупредиле Заев и Пендаровски и тие сепак решиле да се сретнат, тоа е кршење на правилата и потврда за анти-државната политика на државниот врв и целосната сервилност кон Бугарија која може да е проследена и со корупција. Нема друго логично образложение.

Загрижува што првиот човек на државата молчи околу овој скандал а должи многу одговори. На пример дали направил белешка од разговорот и ја предал на Агенцијата за разузнавање која е под негова надлежност и како што е редот? Или дали ставот на Пендаровски за Гоце Делчев со кој даде потврда и храна за цела бугарска пропаганда е можеби резултат на оваа средба и некакви лични интереси можеби и лукративни? Дали промената на ставот на Пендаровски околу т.н. француски предлог е исто така резултат на вакви влијанија? Се сеќавате прво беше против па наеднаш смени мислење. Исто така се поставува прашање дали преку наведеното лице дејствуваат безбедносните служби на Бугарија и дали на тој начин е компромитиран претседателот на Македонија? И уште многу прашања на кои јавноста очекува одговор, а од кои Пендаровски бега и за кои молчи.

Чувањето на територијалниот интегритет на Македонија не е само работа на физичка заштита на границите, туку многу повеќе од тоа. Го знае ли тоа Пендаровски или интересите, а можеби и корупцијата го прават своето? Многу прашања, а малку одговори…



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.