Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски од својата посета на Неготино истакна дека е разочаран од одбивањето на премиерот Димитар Ковачевски на идејата за излез од кризата која ја понуди ВМРО-ДПМНЕ.
Навистина сме разочарани што премиерот Димитар Ковачевски на самиот почеток ја одби оваа идеја, затоа што неговата Влада се покажа неспособна, како Влада којашто не знае да решава проблеми, како Влада којашто ја продолжува корупцијата на Зоран Заев и како Влада којашто дополнително економски ја тоне Македонија- рече Николоски.
Тој потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ понуди четири тима во надворешните работи, економијата, здравството и образованието проследено со определување на датум за предвремени избори како начин Македонија да излезе од оваа политичка и економска криза. Оваа понуда, според Николоски, е отворена, и се остава простор на политичка свест и одговорност во СДСМ.
И од овде да порачам од Неготино, доколку Димитар Ковачевски не е тој којшто ги носи одлуките во СДСМ и доколку не може да донесе одлука во СДСМ, спремни сме да разговараме во СДСМ со секој еден којшто тие ќе го посочат дека носи одлуки. Ако е Зоран Заев да разговараме со Зоран Заев, ако е Радмила Шекеринска да разговараме и со Радмила Шекеринска, кој носи одлуки во СДСМ со него да седнеме да поразговараме затоа што потребно е Македонија да излезе од оваа економска и политичка криза преку предвремени парламентарни избори и преку решавање на овие четири горливи проблеми со коишто се соочува Македонија- рече Николоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.