Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во вечерашното свое гостување во Тема на денот во дневникот на телевизија Сител, се осврна на реакцијата која од страна на Бугарија пристигна во однос на споредбите на Украина со Македонија.
Тој кажа дека ако внимателно го слушале неговото обраќање во Советот на Европа, не ја посочува само Бугарија туку вели дека македонскиот народ е оспоруван од своите соседи кои се помоќни и поголеми.
Тоа е трагедијата на македонскиот народ, кој што низ вековите е прогонуван и оспоруван. Прогонуван е и во време на Балканските војни, прогонуван е и во време на грчката граѓанска војна во Егејска Македонија, а секако се става под прашање самобитноста на македонскиот народ, се негира постоењето на македонскиот јазик и се негира самобитноста на Македонската православна црква – рече Николоски.
Николоски додаде дека токму тоа се темелите на негација од страна на соседите и поради тоа еден сосед се препознал и вели дека доколку сакаат, имаат шанса да докажат дека тоа што го кажува не е така, со тоа што уште во понеделник ќе излезат и ќе кажат дека нема да ставаат вето на почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија. Како втор чекор кој би можела Бугарија да го направи за да го докаже спротивното, Николоски вели дека можат следната недела да излезат и да кажат дека даваат гаранции и ја признаваат самобитноста на македонскиот јазик и народ.
Јас она што го кажав во Стразбур е многу јасно, како што се прави паралела дека Ленин и комунистите ги создале Украинците и Украина, така со години и децении од нашите соседи се зборува дека Тито и комунистичката Коминтерна ги создале Македонија и Македонците, што е апсолутно неточно бидејќи ние сме државата која јасен историски континуитет и ние сме народ кој што сме различни од сите останати народи кои живеат на Балканот, кој што има своја национална гордост, култура и јазик. И на тој начин негирање на македонскиот народ и држава со тези дека народот и државата се создадени од Тито и Коминтерната е најголемата навреда кон македонскиот народ и затоа доколку некој мисли дека не е така, има начини како тоа да го покаже – додаде Николоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.