Градоначалничката Данела Арсовска која минатата недела преку медиумите и со соопштенија се караше со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, а преку говорницата во советот на Град Скопје праша: Кај е шпицниот градоначалник“, денеска рече дека не ја интересира политика и не сака да навлегува во политички пресметки.

Сметам дека ова е многу комплицирана ситуација и не би сакала да влегувам во политички пресметки. За мене единствен интерес е интересот на граѓаните и јас ќе продолжам да работам онака како што сум работела досега. Што се однесува до политичките чинители во државата дали тие и во која мера ќе одлучат да ги поддржат овие политики тоа оставам на нивната совест, на она што им е дадено како мандат од страна на граѓаните да ги поддржат проектите коишто граѓаните ги избрале на овие избори – рече Арсовска одговарајќи на новинарски прашања на денешното започнувњето на градежните активности за реконструкција на улицата Перо Наков.

Таа нагласи дека треба да се реализираат проектите од интерес на граѓаните и да се превенира секаква можност на саботажа и злоупотреба.

Арсовска, исто така, ги отфрла и обвинувањата дека таа ги нарачала билбордите со Христијан Мицкоски на кои стои испишано „Кај е шпицниот градоначалник?“.

Немам ниту таква моќ, немам ниту средства, ниту правам такви нешта ниту имам зошто. Вие и самите знаете кои се луѓето коишто имаат моќ во градот и во државата, а во ниту еден случај не сум јас. Оставам на судот на граѓаните да оценат кој е во право кој не. Јас сум сама и немам проблем да застанам против сите кога се работи за јавен интерес и за заштита на она кое што го гледавме во изминатиот период. Си има соодветни постапки коишто на крај ќе докажат кој бил во право – додаде градоначалничката.

На прашањето како ќе се одрази промената на директорските места на неколку јавни претпријатија врз функционирањето на градот, Арсовска вели дека ќе стори се што е во нивна моќ за да се продолжи со испорачувањето проекти во интерес на градот и граѓаните.

Ниту една функција не е дадена од сега и засекогаш и доколку постојат некои работи коишто не задоволуваат при реализација на проектите мора да постои соодветна одговорност. Пред она што е јавен интерес не верувам дека треба да се застане во одбрана на која било јавна фунција. Дали ќе биде подобро, дали Градот ќе трпи или ќе биде полошо, тоа во секој случај времето пред нас ќе го покаже –  вели Арсовска.

Таа вели дека нема контакт со кој било политички лидер, поранешен, сегашен надвор од професионалните обврски што ги извршува во моментов како градоначалник на Град Скопје, ниту има мислење за поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

За вработувањата во јавните претпријатија, потсети дека пред неколку месеци поврзано со случувањата со вработени лица во „Комунална хигиена“ кои не оделе на своите работни места, а биле плаќани за истото побарала од сите јавни претпријатија да дадат извештај дали и во која мера ги почитуваат принципите за коишто Градот Скопје се залага, а резултатите вели ќе ги соопшти јавно и транспарентно и нема да дозволи штети по буџетот на градот.

Она кое што го видовме во изминатите неколку денови дека се застанува на страната на одбрана на нешто што е неодбранливо, а тоа не се поставува прашањето како некој успеал за толку многу краток временски период без никакви критериуми и без никаков оглас да вработи над стотина лица во само едно од јавните претпријатија. Тоа сега е предмет на ревидирање и верувам дека самото тоа ќе докаже, ќе покаже кои биле целите за овие вработувања, кои биле потребите за истите и нормално верувам дека резултатите ќе ви ги презентираме јавно и транспарентно на некоја седница или прес-конференција  – рече Арсовска.

Таа дополни дека откако е градоначалник во град Скопје формално правно нема ниту едно вработување, а преку Агенција за ангажирање има само пополнување на оние работни места за лица кои ќе заминат во пензија или, пак, се префрлени во други институции или, пак, заминале поради лични или други причини.

Во однос на ЈП Водовод и канализација и нејзините тврдења за несовесно постапување за тендерот за пречистителната станица од страна на тогашниот директор Златко Перински, кој си поднесе оставка, рече дека постапката се одвива кај надлежните органи.

Треба да им дадеме доверба да си ја завршат својата работа најдобро што можат без никакво влијание врз нивните постапки – посочи Арсовска.

За другите оставки на директори од јавните претпијатија, нагласи дека се уште не се отпочнати процесите на ревизија, а со ревидирање на сето она што се одвивало таму ќе информираат соодветно за секоја од институциите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.