Уставниот суд денес ја прифати иницијативата на Антикорупциската комисија да се укине Балансерот, односно вработувањата во јавниот сектор по етничка припадност. Мнозинството уставни судии гласаа „за“ иницијативата да се разгледува, додека против беа судиите Осман Кадриу, Фатмир Скендер и Насер Ајдари, пренесува СДК.мк.
Тоа значи дека на друга седница на Уставниот суд ќе се одлучува дали балансерот е уставен или не. Додека се донесе одлуката вработувањата по етничка припадност се замрзнуваат.
Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот Дарко Костадиновски рече дека денеска не зборуваат за укинување на нечии права и дека според него оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и оти само мерит системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.
„Круцијален момент за одлука на судот е тоа каква е општествената реалност денеска. Дали таа ја има исполнето својата цел, според мене да, правичната и соодветна застапеност ја има постигнато својата цел. Ова го зборувам од призма што откако ќе ја исполни својата цел, го повредува принципот на компетентност“, рече Костадиновски, кој му предлужи на судот да поведе постапка и за регистарот, балансерот и носењето годишни планови за вработување во јавната аднимистрација.
Уставниот судија Осман Кадриу, рече дека „станува збор за чувствително прашање од национална природа за припадноста на немнозинските заедници.
„Националната припадност како елемент на правична застапеност на немнозинските заедници својата основа ја има во уставниот амандман 6 донесен во склоп на амандманите 4-18 како резултат на Охридскиот рамковен договор. Со овој амандман се воведува значајна темелна вредност, се гарантира правилна застапеност на сите заедници во сите институции и на сите нивоа. Со синтагмата национална припадност не се суспендира никогаш апсолутно законските услови за вработување за конкретно работно место и не се елиминира мерит системот. Не само што не се суспендираат овие вредности, туку треба да се почитуваат, затоа што актот на засновање работен однос секогаш подлежи на ништовност. Ние тројца сме избрани со Бадентер, но клучен елемент за нашиот избор беше нашата национална припадност. Затоа го поставувам прашањето, ако е противуставен тогаш зошто не се проширува и на овие одредби. Затоа е контрадикторен“ рече Кадриу.
Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.
Според подносителот на иницијативата (ДКСК), со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.