Безбедносната состојба во државата е стабилна и нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување. Како членка на НАТО, Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евро-атлантскиот простор.

Ова се главните заклучоци од предмалку одржаната седница на Советот за безбедност во претседателската вила на Водно на која покрај претседателот Стево Пендаровски и членовите на Советот за безбедност, присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Зарко Милошевски и директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу

Седницата започна во 13 часот со пристугнување на членовите на Советот и траеше цели два часа во претседателската вила.

Инаку последен пат Советот за безбедност одржа седница во јануари годинава, кога беа одржани разговори за безбедносната состојба во земјата. Тогаш исто така беше разговарано за состојбата во Косово, како и за односите со Бугарија и за процедурата во Собранието за донесување на уставни измени.

Освен претседателот Пендаровски, членови на Советот за безбедност на Македонија се Талат Џафери, претседател на Собранието, премиерот Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и универзитетските професори Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.

Претходно Пендаровски најавувајќи ја денешната седница, наведе дека поволна околност за Македонија е тоа што е членка на НАТО и дека со тоа редовно добива брифинзите за развојот на состојбата во однос на конфликтот Хамас – Израел.

Меѓутоа Советот за безбедност секако ќе биде свикан, не само за последниот развој на настани на Блискиот Исток, туку и за случувањата на северот на Косово и војната во Украина“, изјави Пендаровски неодамна.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.