Од тројца пилоти со кои располагаше Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), оваа година остана само со еден, откако двајца исполнија услови за старосна пензија. Авио-одделението на Дирекцијата е сѐ уште нефункционално и покрај предупредувањата на директорот на ДЗС Беким Максути дека „дополнителен предизвик ова лето ќе биде справувањето со шумските пожари“.
Во разговор за МИА, Максути вели за да се вратат двајцата обучени пилоти, ДЗС бара од Министерството за финансии плата во висина од 300.000 денари. Според него, работното место пилот во ДЗС со плата од 72.000 денари е неатрактивно и затоа посочува дека потребно е порамнување на платите на државно ниво.
За нив баравме дополнителни средства колку што се плаќаат пилотите на Владата, коишто го летаат владиниот авион, тоа значи 300.000 денари. Треба да има синхронизација, односно порамнување на платите на ниво на држава, затоа што тие навистина летаат многу помалку од нашиве и се многу побезбедни. Исто така и пилотите вработени во МВР, кои имаат максимум 50 часови на годишно ниво, доколку пилотите во ДЗС имаат од 150 до 300 часови, рече Максути.
За да може да извршува летови авио-одделението на ДЗС, потребни се минимум тројца пилоти. Максути вели Дирекцијата не смее да извршува задачи со еден пилот, односно мора да има уште минимум двајца пилоти. Како што појасни директорот на ДЗС, според правилата пропишани од Европската асоцијација за цивилно воздухопловство (ЕАСА), пилотите пред секој лет вршат меѓусебна контрола за нивната психичка и физичка подготвеност.
Дирекцијата не смее да лета со еден пилот, мора да има минимум уште двајца други пилоти. Едниот му е контролор, а другиот ги проверува сите постапки дали се како што треба. Ова се правила кои ги одредува ЕАСА. Едниот пилот не може самиот на себе си да потпише дека авионот е спремен и да потпише дека е физички и психички спремен, затоа што пред секој лет тие имаат меѓусебни контроли. Самиот на себе си не смее и нема право да си потпишува, појаснува Максути.
Во април годинава тој апелираше тогашната Влада сериозно да го сфати овој проблем, бидејќи се доведува до прашање постоењето на авио-одделението на ДЗС. Нагласи дека според критериумите на Агенцијата за цивилно воздухопловство, засновани врз регулативите на ЕАСА, постои можност ДЗС да ја изгуби лиценцата за пловидбеност.
Максути вели заклучокот на минатата Влада бил Дирекцијата да го реши овој проблем во рамките на нејзините законски надлежности.
Законските надлежности се јасни. Јас не смеам да примам пилот со плата поголема од пропишаната, односно се што е над 60.000 денари мора да оди преку согласност од Министерство за финансии. Таквата согласност ние не можеме да ја добиеме, не поради тоа што немаше слух Владата, туку поради законските пречки, вели Максути.
Примањето на пилоти не значи дека тие по автоматизам ќе можат да управуваат со „Ер трактор“ авионите на ДЗС, туку истите треба да се упатат на дообучување во Шпанија или друга земја овластена од производителот. Авионите модел „Ер трактор“, што се користат во ДЗС, важат за најкомплицираните за управување, бидејќи потребни се вештини и дообука којашто има строги критериуми и затоа не може секој пилот да добие сертификат. Од пет пилоти кои биле примени изминативе неколку години во Дирекцијата, само еден успеал да ја заврши дообуката и да добие сертификат за управување со „Ер трактор“.
Во врска со справувањето со пожарите во летниот период, Максути вели Дирекцијата ги има направено сите подготовки.
Другите подготовки ние ги имаме направено како што треба, во однос на тимови, доброволни друштва, во однос на дополнителна опрема која што е поделена. Оваа година ја имавме најголемата вежба за противпожари на отворени, каде што учествуваа 16 земји, значи вежбата беше организирана под покровителство на Европската унија, каде што добивме опрема да еден модул, за една екипа од 25 луѓе со целата опрема да можат да интервенираат во шумските пожари. Но, секако ни останува делот околу ангажманот на пилотите и да видиме, целосно да можеме да одговориме на сите можни предизвици, кои би ги имале во текот на сезоната. Како што гледате имаме веќе доста високи температури и можни се пожари, вели Максути.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.