Претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски се обрати од Мечкин Камен, каде што се одржува централната прослава на 121 година од Илинденското востание. Во говорот Мицкоски се осврна на идејата вградена во Крушевската Република, но и на темелите кои почиваат на повикот за единство. Сепак, тој изрази и страв дека токму тие темели денеска се длабоко разнишани.

Многу ќе беше полесно, многу ќе беше поедноставно доколку една генерација го наследи делото и продолжи она што го градела претходната. Не би бил одговорен кон себе и кон сите вас доколку не кажам дека она што го затекнавме како влада не е само запоставена држава и институции туку и ограбена и недомаќински разграбена држава по сите параметри. Не можам да ја одбегнам неодговорноста поради неописивата радост на опозицијата поради пожарите и таа решеност и истовремено неодговорност да се прави политика од колективната несреќа и борбата на сите нас секојдневно да се стават под контрола пожарите. Но и фрапантното е лицемерие за делење на лекции и памет од истите оние кои на владата и оставија летала за гасење на пожар кои не летаат, без екипаж, институции за спасување без опрема и без било каква организираност. Политиката на ниски страсти која ја водат говори само за недостаток на визионерство, конфликтите од внатре кои сакаат да ги пренесат надвор, нивните проблеми да станат проблеми на нацијата и давењето во калта во која сакаат сите да не повлечат. И тоа нешто кое нема да го дозволам. Вистинското прашање и дилема денес е дали тоа единство постои во состојба кога борбата мора да трае, за да имаме победа. А денес имаме сериозни обиди за нарушување на тоа единство. Поединци кои си играат со колективните судбини и го продаваат тоа единство, порача меѓудругото Мицкоски.

Тој повика „да направиме држава каде нема да има граѓани од прв и втор ред“.

Да имаме држава каде секој ќе знае дека е заштитен, а не уплашен ако му се закани некој политичар. Ова не смее да биде држава каде ќе има неправди. Ова не смее да биде држава каде ќе има наредени и потчинети поради политичка припадност. Ова ќе биде земја каде ќе се почитува секој оној што е чесен, искрен и вреден, а ќе се казнува секој оној што е корумпиран. Да ги вратиме вредностите онаму каде е место – тие кои се огрешиле кон законите да одговараат, работниците да бидат со пристојни плати, младите со шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани… Македонија повторно горда и повторно твоја, порача Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.