Недостиг на стручен и обучен кадар, слабости во чувањето и архивирањето на податоците од матичната евиденција, ненавремено доставени информации од надлежните институции, поради што имало неоснована исплата на пензии, пресметани помали пензии поради грешки во податоците, наплата на налози од извршители, се дел од недостатоците што ги утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) при проверката на финансиските извештаи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ФПИО) за 2021 година.

Со извршената ревизија за 2021 година ревизорите изразија мислење со резерва во однос на вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики за 2021 година. Ненавремено доставени информации од надлежните институции за промена на статусот на осигурениците што има за последица неоснована исплата на пензии, за кои се евидентираат побарувања од граѓани и нискиот процент на поврат на повеќе исплатените средства, се наведува во соопштението на ДЗР за наодите од ревизијата во Фондот.

ДЗР наведува и дека „оствареното зголемување на приходите во 2021 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции кои исто така бележат раст од година во година. Имено, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2021 година изнесуваат 79 677 493 илјади денари за вкупно 328 570 корисници на пензиски примања односно заклучно со декември 2021 година исплатените средства се за 3,8 отсто повисоки во однос на 2020 година“.

Како резултат на наведеното, се очекува и подолгорочно гледано финансиското работење на Фондот да продолжи да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит кој се покрива со трансфери од Буџетот на РСМ. Потребно е Фондот да преземе активности во соработка со надлежните институции за обезбедување на: потребните кадровски капацитети за непречено функционирање на единицата за внатрешна ревизија и Секторот за ИТ. Да се преземат активности за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети преку координирани активности за носење на законски решенија кои ќе придонесат кон намалување на масата на пари за исплата на расходите за социјални бенефиции како и во делот на утврдување на придонесот од ПИО и целосна наплата на истиот како еден од сегментите за стабилизација на пензискиот систем што ќе има влијание на намалување на учеството на трансферите од Буџетот на РСМ во вкупните приходи на Фондот“, се наведува во препораките од Државниот ревизор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.