Власта не презема ништо за да го среди хаосот од неправилности во системот на Фондот за ПИО, иако ревизорите открија бројни неправилности, од кои голем дел биле посочени и во претходни извештаи, меѓутоа, очигледно е дека негрижата на оваа власт ја уништува секоја клетка на јавната администрација.

Иако откако се дојдени на власт СДСМ и ДУИ говорат за системски решенија, факт е дека ниту еден систем во државата немаат создадено, ниту пак подобрено откако седнаа во владините фотелји! Ветуваа стабилен пензиски систем кој ќе обезбеди стабилна исплата на сегашните пензионери, како и на идните, но денес гледаме дека и ПИО го направија руина од институција, што се гледа во ревизорскиот извештај, во кој се нотира дека:

– Во матичната евиденција се внесени несоодветни податоци за вработување и регистрација, дека има грешки при внесувањето податоци од страна на други институции, што повлекува грешки при пресметките на пензиите, кои не се корегираат без реакција на корисникот;

– На уплатната сметка наменета за прибирање средства од наплатен придонес за ПИО има нераспоредени средства кои Фондот не може да ги користи, а осигурениците не можат да ги остварат правата од ПИО;

– Исплатата на пензии на починати лица, која беше воочувана во изминатите ревизорски извештаи, продолжува и генерирани се 2,5 милиони евра сомнителни и спорни побарувања;

– За некои осигуреници нема податоци во матичната евиденција, некои се соочуваат со тешкотии во обезбедувањето на потребната документација за докажување на стажот од соодветните правни субјекти и институции;

– 2,5 милиони евра од придонесите се нераспределени и така стојат на сметка и не им се евидентираат во пресметките на оние што плаќаат за пензиските денови;

– Осуммина извршители успеале да наплатат 20.000 евра од сметката на ПИО (во 2021 година) каде како должници се јавуваат корисници на пензија.

Овој хаос власта ниту е способна да го менаџира, ниту пак е заинтересирана да го менаџира. Ова е слика на непостоењето на правната држава, односно невладеењето на правото. Ова е врв на негрижата за сопствените граѓани кои се ранлива категорија, оневозможувајќи им достоинствен пензионерски живот. Голем дел од пензионерите во Македонија живеат во сиромаштија бидејќи ниските пензии не им стасуваат да ги покријат основните животни трошоци, други пак не можат воопшто ни правото на пензија да го остварат поради трулиот и хаотичен систем. Но, Ковачевски и владата предводена од ДУИ секоја недела со евтин пиар во маркети пазарат „докажувајќи“ им на граѓаните дека цените биле намалени, откако беа поскапени и до 100%.

Но, власта се однесува како да владее во паралелен свет, сосем неодговорно кон граѓаните, сосем неодговорно кон државата, сосем неодговорно кон иднината на земјата. Време е за промена! Време е оваа ненародна власт да замине и на нови избори граѓаните да им пресудат!, рече Лидија Малинковска, член на централна комисија за труд и социјална политика, демографија и родови прашања на ВМРО-ДПМНЕ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.