Уште пред да поминат 100 дена, моноетничката и нелегитимна Влада го доби најтешкиот удар што го има Европската Унија, и тоа по вина на албанските партии кои во исто време ги демантират своите проевропски заложби, велат од Алијансата за Албанците по назначувањето на Афрона Вервизоли како ревизорка на ИПА фондовите без да поседува лиценца.
„Назначувањето на непрофесионален, несоодветен кадар, без потребните подготовки и без потребните сертификати, задолжена за ревизија за ИПА фондовите, ризикува земјата да загуби еден од најважните инструменти за спроведување и развој на реформите и европските стандарди“, се вели во соопштението на Алијансата.
Опозициската партија е децидна дека аматеризмот на партиите кои ги загубија изборите, немањето основни познавања во владеењето и особено во евроинтеграцискиот процес, ги прави овие партии најголем ризик за европската иднина на земјата.
Според партијата не е довлно само разрешувањето на, како што велат, глабната ревизорка, туку за ова некој треба да сноси и одговорност, односно министрите Орхан Муртезани и Арбен Фетаи, едниот одговорен за евроинтеграции, а другиот за добро владеење.
„Ваквите авантури, нивната желба за партизација и заробување на значајни институции од страна на партиски милитанти, непочитување на стандардите и законите, сериозно го нарушуваат имиџот на државата и евроинтегративниот процес, кој и така е нарушен и загрозен со други постапки на Владата кои се случија од првиот ден од нивното доаѓање. Повеќе од месец и половина од изборот на Владата, оваа коалиција и нанесе голема штета на државата за што ќе треба време да се санират. Ги повикуваме партиите што ги загубија изборите да си заминат пред да се направи повеќе штета и пред да биде доцна за се“, се вели во соопштението.
Десет дена откако ја назначи Вервизоли за главен ревизор за ИПА фондовите, Владата најави дека утре ќе ја разреши од оваа функција. Таа нема ревизорско искуство, ниту соодветен ревизорски сертификат. Коалицијата „Вреди“ чијшто кадар е Вервизоли соопшти дека привремено ќе понуди нејзина замена, додека таа го добие соодветниот сертификат.
Според праавилата на ЕУ, покрај законскиот услов да поседува уверение за стекнато звање од областа на ревизијата, ревизорот треба да поседува соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата за да ги извршува бараните задачи. Од она што досега е познато Вервизоли нема искуство во ревизија и работела во банка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.