Дали и зошто на министерот за економија Бектеши му пречи придавката македонски пред титулата министер?

Дилемата се наметна по неговата изјава дадена на прес-конференција за време на посетата на Тирана пред два дена на која новинарка му постави прашање нарекувајќи го македонски министер. Иако само по себе прашањето не имплицира етничка или национална припадност, Бектеши експресно ја коригираше новинарката, укажувајќи и дека тој не е Македонец туку е Албанец.

Новинар: Имав прашање до македонскиот министер.

Бектеши: Извинете, јас сум министер на Cеверна Македонија, не сум Македонец, јас сум Албанец.

Канал 5 се обиде, но до овој момент не доби одговор од Бектеши зошто придавката македонски мораше да ја поистовети со етничката припадност, особено ако се знае дека тој ја претставува пред се македонската Влада.

Засега нема ни став од Владата за тоа дали ја оправдуваат таквата изјава.

За дел од експертите постапката на Бектеши е неоправдана, особено од етички аспект.

Проблемот е дали министер којшто треба ја преставува државата Македонија се срами да биде всушност да биде наречен министер на таа држава, односно македонски министер. Јас не гледам кој е тука проблемот бидејќи сите министри во македонската Влада се македонски министри, дали е некој етнички Македонец, Албанец, Ром или Турчин, тоа е сеедно, секој има право да се чувствува како сака. Но сите се дел од македонската Влада и примаат плата од македонската држава. На медиумите и на нас обичните граѓаните никој не може да ни наложи да велиме министер во Владата на РСМ. Така што корекцијата што ја прави министерот е на негова лична иницијатива и воопшто не задира и нема никаква поврзаност со Преспанскиот договор, особено со неговото дообјаснување дека тој бил Албанец – вели за Канал5 аналитичарот Владимир Божиновски.

Посетата на Албанија на Бектеши се најде под лупа на дел од медиумите кои забележаа дека на дел од официјалните средби со албанските владини претставници фигурираат само албанските знамиња, а не и македонското знаме.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.