Првомајските излети во природа резултираа со оставен смет од излетниците на подрачјата на националниот парк Шар Планина, а освен денешното расчистување од установата најавуваат повеќе вакви акции заедно со планинарските клубови. Веќе е изработен распоред и концепт на соработката во текот на мај и почетокот на јуни при што и веќе познатите планинарски патеки ќе се расчистуваат од фрлените отпадоци.
-Поради доброто време Шар Планина беше атрактивна дестинација за продолжениот викенд, а ова е сликата која излетниците ја оставија зад себе. чуварската служба на паркот собра 47 вреќи отпад. Потсетуваме, на излетничките места нема организирано собирање на отпад и затоа апелираме да секој посетител со себе ги понесе своите отпадоци. Националниот парк и љубителите на природата од викендов веќе „му објавија војна на отпадот“, а продолжуваме со заеднички сили во месец мај да се залагаме да блесне Шара, информира Анела Ставревска Панајотова, раководител во одделението за заштита на природата.
Вакви акции имало и на последните денови од април, а се продолжува претстојниот викенд.
-На 7 мај се организира собирање на отпад од с. Бозовце до место наречено Гајрина. 8 мај, чистење на патот од Попова Шапка кон Тетово од вработените во паркот, но добредојден е секој кој сака да се приклучи на акцијата. На 13 мај, Националниот парксе приклучува на акцијата Генералка Викенд која ја спроведува Општина Тетово. На 14 мај, ПК Љуботен, ПК Тетекс, ПК Јелак и ПК Аргентус организираат собирање на отпад на потегот од с. Вејце кон Кобилица, информираа од Национален парк Шар Планина.
При крајот на месецот се определува локација за акција на 20 мај, додека во пресрет на традиционалното искачување на Титов врв на ПК Љуботен акции ќе има на скијачкиот центар Попова Шапка и на потегот од Титов Врв кон скијачкиот центар на 27 и 28 мај. Во јуни ќе се работи на Боговињско Езеро и локацијата Рамен Камен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.