Координаторот на „Отворен Балкан“ во Владата, Марјан Забрчанец, за белградска „Политика“ најавува дека наскоро ќе се активира идентификациски број за граѓаните на Македонија, Албанија и Србија, благодарение на што ќе можат непречено да работат во приватниот сектор во која било од тие три земји.
Многу наскоро ќе се активира идентификациски број за граѓаните на „Отворен Балкан“ (ОБ ИД број), благодарение на што тие ќе можат непречено да работат во приватниот сектор во која било од овие три земји, без нострификација на дипломите, чекање на работни дозволи и какви било други административни бариери, изјави Забрчанец за „Политика“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, тој додаде и дека во завршна фаза се подготовките за воспоставување единствен електронски систем за наплата на патарините во сите три земји.
Пред нас е тешка зима на енергетски и економски план, затоа „Отворен Балкан“ е мобилизиран на ниво на кризни работни групи за да се погрижи секоја од трите земји лесно да ги помине студените денови, врли Забрчанец.
Тој посочува дека односите меѓу Србија и Албанија се најдобри досега, како и односите меѓу Македонија и Албанија.
Според него, направен е значаен исчекор со формирањето на работна група чија цел е формирање на заедничка агенција за инвестиции „Отворен Балкан“, која ги имала првите средби за време на Меѓународниот саем за вино што неодамна се одржа во Белград.
Забрчанец вели дека е започнат процесот на создавање заедничко инвестициско портфолио како пазар од над 12 милиони граѓани со сиот човечки, економски и природен потенцијал што го поседуваат државите заедно.
Целта е јасна, да се понудиме на големите инвеститори од САД, како и да ги привлечеме ЕУ и светот како регион каде што можат да ги прошират своите деловни потфати, додава Забрчанец.
Според него, „Отворен Балкан“ има јасна политичка цел, а тоа е секоја од земјите од Западен Балкан да стане членка на ЕУ и оваа иницијатива е пред се европска и не може да биде замена за ЕУ.
Тој посочи дека „Отворен Балкан“ носи конкретни резултати, опипливи придобивки за компаниите и граѓаните, олеснето движење, бизнис, помош меѓу земјите во услови на енергетска криза и криза со храна, како и помош во случај на природни катастрофи, без притоа во исто време да се попречува секоја друга иницијатива.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.