Дури една третина од претставките кои се однесуваат на правосудството и изминатата 2021 година биле за постапките на извршителите – покажува годишниот извештај на Народниот правобранител.

Од таму велат дека високите камати се еден од главните проблеми со кои се соочуваат ранливите категории во Македонија, а во социјална држава не е дозволиво каматата да биде три пати поголема од основниот долг. Најавија дека ќе бараат измени на законот со кој таа би се ограничила најмногу до 100% од основниот долг.

Сведоци сме дека има граѓани кои заради основен долг и постојаното зголемување на каматата скоро цел живот стануваат должници према доверителите преку извршителите. Не се во состојба заради минималните примања да го исплатат долгот и износот на каматата и на тој начин тие стануваат цел живот должници.- Насер Зибери.

Значаен број на претставки има и за казнето-поправните установи. Народниот правобранител Зибери вели во затворите и воспитно поправните домови поради високиот број на затвореници, голем дел од нив се принудени да спијат на душеци во ходници, а не била обезбедена основна здравствена заштита ниту пак образовна настава за малолетниците. Зибери најави и дека порача дека ќе побара дислокација на малолетничките во затворот Идризово бидејќи тие биле загрозени од полнолетните осуденички.

Условите во кои се задржани честопати ги прекршуваат елементарните законски правила а тоа е контакт со возрасни осуденички, честопати доведени до ситуација да бидат и загрозени, заканети а тука посебно изостанува и делот на овозможување на здравствена заштита бидејќи амбулантниот дел во затворот е во затворениот дел .- Насер Зибери.

Непочитувањето на основните човекови права според извештајот на народниот правобранител и минатата година останале главен проблем. Од вкупно 2.085 прифатени претставки во 755 било констатирано кршење на човековите права.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.